Градоначалникот на Берово ги започна средбите со граѓаните пред креирањето на Буџетот за 2022 година

Градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски ги започна средбите со граѓаните пред постапката за креирање на Буџетот на Општина Берово за 2022 година. Со цел партиципативно учество на граѓаните, во креирање на Буџетот, а во услови на пандемија од Ковид-19, средбите како што информираа од Општината се одржуваат на отворено во повеќе населени места во Беровско.

-Изминатиот период одржани се средби во село Двориште, село Ратево, село Русиново, село Митрашинци, село Будинарци и село Мачево. Предлозите на граѓаните се слушаат, се разговара за можноста за реализација на лице место и оние проекти кои немаат имотно правни или некои други пречки, по приоритет, ќе бидат внесени во Буџетот на Општина Берово за 2022 година, истакнаа од Општината.

За градоначалникот Звонко Пекевски она што е важно од ваквата иницијатива е да се слушне гласот на граѓаните.

-Гласот на граѓаните е најважен, но и  партиципативно учество во донесувањето на одлуките на локално ниво е од големо значење за креирањето на локалните политики и во создавање на Буџет со  проекти,  предложени и подржани од  жителите на општина Берово, рече Пекевски.

Средбите според најавеното во текот на утрешниот ден продолжуваат во село Владимирово и село Смојмирово.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*