Преку Европски проект делчевската гимназија ќе ги развива стручните вештини кај учениците

Делчевската гимназија ,,Методи Митевски – Брицо” го доби проектот ,,Чекор по чекор – за професионален развој” кој е дел од краткорочните проекти за мобилност на ученици и вработени/кадар во полето на стручно образование и обука.

Проектот како што информираа од гимназијата ќе се реализира во рамките на програмата Еразмус+ за 2021 година поддржана од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. 

-Главни цели  на проектот се: зголемување на стручните знаења и вештини на учениците од текстилно-кожарската и хемиско-технолошката струка, поттикнување на нивната желба за учење и професионален развој во областа на производството, адаптација на наставната програма во текстилно-кожарската и хемиско-технолошката струка во поглед на новите тенденции во областа на технологиите, воспоставување на одржливи партнерства со докажани странски компании на меѓународниот пазар и реализирани придобивки за локалната заедница, истакнаа од делчевското Средно учичиште.

Проектот како што додадоа ќе се реализира во годината на јубилејот на училиштето ,,60 години од постоење на училиштето, како темел на знаењето и препознатливо во национални и меѓународни рамки. 

Од училиштето воедно додадоа дека ваквите проекти се од огромно значење имајки го предвид фактот дека од година на година, бројот на учениците во текстилно-кожарската и хемиско-технолошката струка, се намалува во континуитет, за што напоменаа повеќе  причини, но понудија и решенија како во иднина состојбата да се подобри.

-Ние како образовна институција се стремиме да го подобриме образовниот процес, но сметаме дека неопходно е да се воведат дополнителни мотивирачки аспекти за професионален развој на професорите, а тоа ќе се случи доколку ние како институција овозможиме континуирана обука, вклучително и во странство, преку учество на училиштето во меѓународни проекти и преку создавање на партнерска мрежа со бизниси од цела Европа, додадоа од СОУ ,,М.М.Брицо”.

Од овој проект очекуваат да се мотивираат учениците да продолжат професионално да го развијат претприемачкиот дух.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*