Прва работилница од проектот ,,Наш Град” во Делчево

Во Делчево одржана првата работилница на тема „Јавни простори и улогата на граѓаните и општините во нивно планирање, одржување и трансформација“. Активноста е дел од проектот „Наш Град“ кој Центарот за инклузивен развој „КАЖИ КОГА“ од Скопје го спроведува во партнерство со Регионалниот центар за застапување од Делчево.

Целта на денешниот настан како што истакна менторот Дамјан Балкоски е граѓаните да се запознат со концептот „плејсмејкинг“ кој моментално е светски тренд во уредувањето, дизајнирањето и управувањето на јавните простори во градот. 

-Како член на академската заедница, но и како граѓанин ми е многу драго што се одржуваат вакви настани и затоа ги поздравувам организаторите за сето она што се обидуваат да го направат тука. Тоа е особено важно особено во изминатата година за да се запознаеме како ние самите граѓани можеме да се сплотиме и заедно да делуваме врз нашите јавни простори затоа што јавните простори се од граѓаните за граѓаните и токму тој концепт наречен „плејсмејкинг“ сакаме да го претставиме и промовираме на што е можно повеќе луѓе, рече Балкоски.

Освен Делчево, во проектот како што додаде координаторот на проектот Стојне Тодоровска, се вклучени и општините Кисела Вода и Аеродром.

-Тоа што е интересно за Делчево е што за разлика од многу други општини е што тука има многу зеленило и паркчиња, има доста повеќе потенцијал да се направат поатрактивни и за туристите, но и за самите жители. Токму затоа е и овој проект, заеднички да разговараме на различни теми, кои плоштади да ги доуредиме, кои паркчиња можеме да ги доуредиме, за да  бидат попристапни, пофункционални и поодржливи, за да може Делчево да биде поатрактивно место за туризам рече Тодоровска.

Проектот ќе трае до феврурари 2022 година, но како што додаде граѓаните и понатаму ќе можат да даваат свои предлози преку активна комуникација со Општината, преку обраќање до градоначалникот и секторот за урбанизам, со цел да предлагаат решенија за нивните потреби и да покренуваат иницијативи, а преку социјалните медиуми да ги искористат локалните здруженија и локалните медиуми за да го направат Делчево поубаво место за живеење. 

Родне Деолска од Регионалниот центар за застапување потенцираше дека проектот одлично се вклопува временски, бидејки се имплеметира во период кога се креира Општинскиот буџет за наредната година.

-На нас како Регионален центар ни е доста драго што сме партнери во проектот, затоа што се работи за една доста актуелна тема. Освен тоа во моментот се креира Буџетот на Општина Делчево за 2022 година, така што оваа средба со локални чинители во Делчево е доста важна, од истата очекуваме плодна дискусија и веруваме дека оние предлози кои ќе бидат дадени денес, ќе бидат земени в предвид. Нормално ние понатаму ќе ги доставиме до самата Општина и доколку е се разбира од интерес ќе бидат ставени во Буџетот за наредната година, додаде Деолска.

Проектот „Наш Град“ финансиски е поддржан од Амбасадата на САД во Република Македонија.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*