Традиционалните волнени и ковачки производи секоја сабота дел од понудата на Градскиот пазар во Делчево

Производството на традиционални домашни производи од волна и ковачки алат, сè уште се негува во неколку делчевски села. Своите рачни изработки самите производители редовно ги пласираат секоја сабота на градскиот пазар, кои како што велат, им се меѓу најбараните од купувачите. 

Ранка Трајанова од село Габрово е само една од тројцата производители кои ги затекнавме на својата вообичаена тезга на пазарот, нудејки ,,парчиња” од волнените чорапи, кои како што рече имаат ,,пристојна” цена, според платите на обичниот граѓанин. 

-Волнените чорапи ги плетам рачно. Имам посебни за играорни групи, за бебиња, детски волнени чорапи. Порано ги плетев за еден ден, а сега ми требаат три-четири дена. ,,Калците” за еден ден се плетат, а за чорапите треба повеќе време. Цената е околу 250 денари, имам и по 200 и 100 денари, зависи од големината. Овие помалите ги зедоа за играорна група во Свети Николе, а поголемите ги купија вработени во амбуланта во Пробиштип, вели Трајанова.

Таа сепак додава дека нема кој да ја замени да го продолжи производството, бидејки нејзините најблиски се иселени во Германија, како и поголем дел од младите во Делчево. Кога оди на гости редовно подарува од својата изработка, но и таму редовно и бараат од ,,робата” пријатели на нејзиното семејство. Вели дека не користи интернет за продажба, бидејки според неа добриот глас надалеку се слуша, па затоа често и бараат луѓе кои се пријатели на некој кој претходно купил, тој ќе каже да друг и така има заинтересирани.

-Има заинтересирани, по интернет не, но имам пријатели и така продавам. Оние кои доаѓаат да купат, често ги носат и за странство, иако кажуваат на граница знаат да им направат проблем на граница. Инаку што се однесува до производството веќе нема ,,влачарки” нема каде да се ,,влачи” и затоа слабо има волна. Овие ,,плетки” со шари по волнените чорапи се доста тешки за изработка и треба повеќе време да се направат. Понекогаш подарувам на пријатели на моите деца во Германија, бидејки тоа е еден мал поклон, додава Трајанова.

Неколку тезги до тетка Ранка

На слична возраст како тетка Ранка, волнени чорапи денес имаше изложено уште една производителка од Делчево.

-Цената е по 300 до 350 денари, сега пред зимата се најбарани. Кога имам поголема побарувачка, ги плетам за еден ден, а инаку за околу една недела, без брзање. Изработката е рачно, предено, чиста домашна изработка, вели производителката.

Освен производи од волна, своите ковачки изработки секоја сабота редовно можат да се најдат и на тезгата на Петров Костадин од селото Ѕвегор.

-Имам ковачница и се уште произведувам разни видови алат, но веќе е во изумирање тој занает, веќе нема кој ни ,,држаље” да направи. Јас имам машинка и изработувам ,,држалиња” и секири. Тука претежно има повеќе алати, имам дикел, имам ,,макара” за качување малтер на спрат, ова другото е ,,сор” за сечење коски кога заколеш говедо или свиња да ги ,,спастриш” коските, секири имам, тесли, лопатка за жар, вели Петров.

Повеќето алати ги изработува по порачка, а кој има потреба од неговата работа, како што вели лесно може да го пронајде на влезот во село Ѕвегор каде само треба да праша за ковачницата на ,,Чалкачо” и веднаш ќе биде упатен на вистинското место.

-Дома доаѓаат често, живеам на првата улица од патот што води за Бугарија. Пензионер сам, освен тоа имам и бавчи и со тоа се занимавам, додава чичко Костадин.

Заедничко за сите тројца е што освен производи од занаетот, на пазарот нудат и останати домашни производи како јаболка, вино, ракија, мед, суви пиперки, лук и многу други производи карактеристични за Пијанечкиот регион.

Меѓу најчестите муштерии до пред појавата на корона вирусот побарувачка имале и од гостите од Бугарија, кои со олеснувањето на мерките полека почнаа повторно да се враќаат на на пазарот во Делчево.

Еден од посетителите кои ги затекнавме денес, рече дека доаѓаат на пазар во Делчево, бидејки има поголема понуда од таа кај нив.

-Од пазарот сме задоволни, иако се истите цени како кај нас, но има поголема понуда. Покрај тоа имаме роднини тука го користиме денот и да се прошетаме. Бргу минуваме на граница, ни бараат вакцина или антиген тест или ПЦР тест. Ако ги нема тие работи, бидете сигурни дека многу повеќе граѓани од Бугарија ќе доаѓаат овде,  вели жител на Благоевград, првиот бугарски град од другата страна на границата.

Пазарот во Делчево и оваа сабота изобилуваше со градинарски производи карактеристични за овој период од годината, кои беа и најбарани од посетителите.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*