На денешен ден пред 7 години орото ,,Копачка” стана заштитено од УНЕСКО

Денес (27.11.2021) се навршуваат 7 години од впишувањето на орото ,,Копачка” во Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријални културни наследства на човештвото. Честитајки им го значајниот датум на своите членови и граѓаните на Делчево, секретарот на  Здружението ,,Фолклорна група ,,Копачка” информираше дека поради неодамнешната смрт на својот Претседател, фолклористот Димитар Узунски, годинава настанот ќе се одбележи без вообичаеното дефиле низ градските улици.

-Ние носителите од ЗФГ ,,Копачка” с. Драмче, Делчево, практикувавме гламурозно да го прославуваме овој датум, со дефиле, со концерти, со коктели и слично и со тоа да ја јакнеме јавната свест за негувањето, трансмисијата и одржливоста на Копачката во УНЕСКО. Но сега, откако засекогаш не напушти, нашиот драг претседател, народниот уметник- фолклористот Димитар Узунски, сите сме со сведнати глави за големата загуба и затоа, ќе бидеме тивки и нема да ги грмиме тапаните, за да може тој полесно да го најде мирот божји и нема да ја играме Копачката, за да не кренеме прашина при „копнувањето“, за да не му го замаглиме патот, туку да му биде светол одот преку небесата, се до портите на рајот, каде што се надеваме дека припаѓа, рече Стојановска.

Додаде дека Здружението ќе продолжи да ги следи патоказите кои ги поставуваше ,,учителот”.

-Ќе продолжиме да врвиме по тие патокази, надевајки се дека таму од горе тој постојано ќе не надгледува, тивко како секогаш досега, ќе не усмерува и ќе се гордее на своето дело, кое ни го остави во аманет, да го чуваме и негуваме. Ќе се редат годишнини, јубилеи, прослави, додаде Стојановска.

Честитајки ја годишнината порача, Копачката, со носителите од целиот Пијанец, да продолжи да биде негувана од сите што ќе посакаат да бидат дел од неа, без разлика на вера, раса, род, возраст и политичко убедување.

По повод значајниот датум се потсетуваме на репортажата посветена на патот на Копачката до УНЕСКО снимена за време на одбележувањето на 3 годишнината од впишувањето во УНЕСКО.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*