Пекевски ја достави иницијативата за именување улица по словенечкиот пожарникар Жан Кофол

Во Берово закажано разгледувањето на иницијативата за преименување на улица во чест на прерано загинатиот словенечки пожарникар Жан Кофол, кој беше еден од најистакнатите во гаснењето на пожарите во Малешевијата. Иницијативата е на беровскиот градоначалник Звонко Пекевски кој рече дека иницијативата ќе се разгледува на утрешната седница на беровскиот Совет.

-Иницијативата ја поднесов за постхумно одликување, по името на овој хуман херој, кој загина во сообраќајна несреќа, а кој даде свој придонес во гаснењето на пожарите кои беснееја во Малешевијата. Со иницијативата предвидено е преименување на улица “20” во населбата Ширината, во улица “Жан Кофол”. Понатаму постапката за промена, ќе се врши согласно Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти, рече Пекевски.

Градоначалникот смета дека именувањето на улицата, ќе значи многу за семејството на прерано загинатиот пожарникар, а од друга страна, со овој чин Општина Берово, постхумно ќе искаже признание и благодарност за поддршката која што ја даде Кофол за Берово и Малешевијата.

-Се надевам дека Советниците едногласно ќе ја прифатат оваа моја иницијатива со цел името и делото на овој млад пожарникар, никогаш нема да се заборави, додаде беровскиот градоначалник.

Жан Кофол го загуби животот во сообраќајна несреќа во близината на Нова Горица, на 28 септември, еден ден пред неговиот 20-ти роденден. Кофол беше меѓу најмладите доброволци кои пристигнаа од Словенија и со денови учествуваше во гасењето на огнената стихија во околината на Берово и Пехчево.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*