Со патувачкиот фестивал ,,Џифони” во Делчево започнаа Деновите на хуманост-дарувај со љубов 2021

Со патувачкиот фестивал за млади „Џифони“, во Делчево започна традиционалната манифестација „Денови на хуманост-дарувај со љубов“, организирана по повод 3 Декември, меѓународниот ден на лицата со посебни потреби.

Целта на филмскиoт фестивал за млади, како што истакна Дарко Башевски, извршен директор на „Џифони Македонија“ е на младите делчевци да им се долови филмската магија на Џифони, како и да се насочат младите да ја одберат професијата која ја сакаат, а која ја нема во нивниот град. 

-Многу е тешко за млад човек да живее во мал град, да сака да работи професија која ја нема дома, поради што е многу тешко да се одлучи да ги фокусира неговите желби. Во рамки на настанот дискутираме и по одредена тема која ќе произлезе по проекција на филм. Исто така одржуваме и три креативни работилници, актерска игра со Зорица Нушева, фотографска работилница со професорот Роберт Николовски и ликовна работилница со Моника Мотевска, истакна Башевски.

Во рамки на фестивалот се вклучени 60- тина ученици на возраст од 13 до 18 години и лица штитеници од Дневниот центар за посебни потреби. Делчево е 19 општина каде е присутен патувачкиот фестивал, а целта меѓу другото како што додаде Роберто Тамборини,  технички организатор на ,,Џифони Македонија”, е да се долови духот на овој познат Светски филмски фестивал за млади.

-Џифони е фестивал кој постои повеќе од 50 години и е најпознат филмски фестивал за млади во светот кој се одржува близу Неапол во Салерно. Фестивалот во Македонија се организира по 10 пат, со тоа што оваа година одиме во сите градови, истакна Тамборини.

Настанот е во организација на Здружението „Планет-М“ под покровителство на Giffoni experience од Италија и Агенцијата за филм во партнерство со Општина Делчево и НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*