Далибор од Делчево – првиот уличен продавач со попреченост на списанието ,,Лице в лице”

Далибор Станковски е лице со попреченост од Делчево, кој како дел од иницијативата на Здружението „Бравура Кооператива“, денес го започна својот работен ангажман, како уличен продавач на списанието „Лице в лице“, месечник кој го промовира моделот на социјално претприемништво. Тој е познато лице во количка од делчевската чаршија и за него е ова прво вработување и прва шанса за остварување сопствен приход.

-Јас сум роден 1989 година, а ова ми е прво вработување и се надевам ќе успееме во оваа идеја, изјави Станковски.

Купувајки го првиот примерок од спсианието, градоначалникот на Делчево, на Станковски му посака успешна работа, но и ги повика сите институции и поединци да дадат поддршка.

-Ова е одличен пример за потткнување инклузија и има двојна улога, ги засилува ранливите сограѓани, но и ја подигнува јавната свест за прашања што нѐ засегаат сите нас. На Далибор му посакувам успешен почеток како продавач и најавувам дека Општина Делчево ќе биде редовен купувач на ова списание, но и на убаво изработените новогодишни честитки, рече градоначалникот Горан Трајковски.

Апелираше, овој пример на Општината да го следат и другите институции во Делчево, бидејќи само така според него се дава конкретен придонес и поддршка на продавачите за градење вештини за нивно вклучување на пазарот на трудот.

Слична порака упати и делчевецот Дејан Мирчевски кој купувајки примерок од месечникот, порача и останатите дасе придружат во поддршката за Далибор и Дневниот центар за лица со посебни потреби.

Иницијатор на активноста е Здружението „Бравура кооператива“ од Делчево, од каде потенцираа дека „Лице в лице“ е моќна тетратка, каде сите заедно ќе пишуваат и оставаат своја трага, со цел заедницата да влијае кон позитивни промени – за изедначување на можностите и за креирање на општество по мерка за сите.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*