Кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо во посета на Берово

Амбасадорот на Народна Република Кина, Џанг Ѕуо и Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денес го посетија Дневниот центар за лица со ментална и телесна попреченост при Јавната установа Меѓуопштински центар за социјална работа – Берово. Средбата од која беа дел и градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски и Елизабета Ѓеорѓиевска, сопруга на претседателот Стево Пендаровски се реализира во пресрет на донацијата обезбедена од Амбасадата на Народна Република Кина, под покровителство на претседателот Пендаровски во чии рамки предвидено е донираните финансиски средства, во висина од 1.540.000 денари, да бидат искористени за опремување на кабинети за физикална и хидро-терапија, како и сензорна соба наменета за деца и лица со аутистичен спектар на нарушувања во Дневниот центар во Берово.

-Се заблагодарив за донацијата и за успешната соработка во унапредувањето на социјалните услуги во Берово и посакав соработката понатаму да биде продлабочена, рече Пекевски.

Амбасадорот на Народна Република Кина, Џанг Ѕуо, истакна дека на негово големо задоволство, денеска во Берово, има чест да го посети Дневниот центар, за кој што е обезбедена донација од опрема, која што се надева дека ќе биде значајна за лицата кои ги користат услугите на оваа установа, посакувајќи успешна соработка во насока на унапредување на услугите, особено за лицата со посебни потреби.

Поздравувајќи ја реализацијата на проектот, г-ѓа Ѓоргиевска истакна дека тоа ќе придонесе за подигнување на квалитетот на социјалните услуги кои ги добиваат граѓаните во овој дел од државата. Според г-ѓа Ѓоргиевска, потребно е сите заеднички да работиме за натамошно подобрување на условите за лицата со попреченост и за зголемување на нивната видливост, истакнувајќи го Дневниот центар во Берово како добар пример во таа насока.

Министерката Шахпаска истакна благодарност на г-ѓа Ѓоргиевска и на амбасадорот на Народна Република Кина, при што со успешна соработка, се реализираат проекти кои се од големо значење за унапредувањето на социјалните услуги.
За време на посетата на Берово, г-ѓа Ѓоргиевска, заедно со министерката Шахпаска, ги посети домот за стари лица „д-р. Иван Влашки“ и Детската градинка „23 Август“.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*