Центарот за култура од Делчево ја одбележа годишнината од раѓањето на патронот Никола Јонков – Вапцаров

Со положување свежо цвеќе пред споменикот на Никола Јонков – Вапцаров, Националната установа Центар за култура од Делчево ја одбележа 112 годишнината од раѓањето на големиот поет и револуционер и свој патрон. 
Во пригодниот говор по повод роденденот на Вапцаров, раководителот на Литературната дејност при Центарот за култура, Љупчо Петровски, истакна дека Вапцаров е еден од најсилните таленти кои твореле на друг јазик, освен македонскиот.

-Тој своите творби ги создал од 1936 до 1942 година и секаде во своите песни кажувал дека е Македонец. Неговата книжевна дејност се рефлектира со неговата единствена стихозбирка „Моторни песни“, која била напишана на бугарски јазик на кој што творел. Тематиката на неговото творештво е татковината, работниците по фабриките, за што сведочат неговите песни Фабрика, Родина, Земја, Илинденска и други, рече Петровски.

Во чест на Вапцаров, како што додаде секоја година установата ги организира Вапцаровите бранувања, манифестација која годинава е поделена во три дела.

-Во рамки на оваа манифестација претстојната сабота во рамки на Вапцаровиот караван, ќе ги доделиме наградите од Литературниот конкурс на тема „Вапцаров, писател со револуционерни идеи“. Потоа имаме гостување во Банско и посета на Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград, додаде Петровски.

Манифестацијата „Вапцарови бранувања“ е поддржана од Министерството за култура на РСМ.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*