Видео: Надојдените води го отсекоа мостот кој води до гробиштата во село Тработивиште

Врнежите кои го зафатија Пијанечкиот регион резултираа со зголемени водотеци на потоците и реките во Делчевско. Како резултат на надојдената вода, во моментот отсечен е мостот на река Желевица, кој води кон селските гробишта во делчевското село Тработивиште. Љупка Николовска жител на Тработивиште вели дека овој мост е единствениот кој води до вечните почивалишта на покојните жители од ова село.

-Како што гледате не се поминува, ова е единствениот мост, сега тој е отсечен, дело кое неправилно и непрофесионално е направено, поради што после секој поголем дожд населението се соочува со овој проблем. Ова е 4 или 5 пат како мостот е дисфункционален. За ова ги известивме надлежните, да дојдат го погледнат и од утре да се сработи ама вистински, истакна Николовска.

Мостот како што вели Ивановски Видан е изграден пред 7 години, а како причина за честата негова дисфункционалност ја наведе неизградбата на потпорен ѕид, кој би го заштитил од пропаѓање.

-Ние неколку вработени во Гранит го градевме мостот, бевме двајца армирачи и двајца мајстори. Тоа беше во времето на градоначалникот Малршевски, но не се договорија тогаш да се направи потпорен ѕид, за да не го носи Желевица мостот. Не е само оваа година и претходно на истото место реката го имаше отсечено мостот. Сега ќе чекаме да се спушти нивото на водата и да дојдат од Општината и да почне да се прави, вели Ивановски.

Поради не можноста да се помине од другата страна на мостот, како што информираа свештените лица дел од жителите на Тработивиште, наместо на гробишта, црковните обреди ги извршија во своите домови.

Онеспособениот мост денес во придружба на Претседателот на делчевскиот совет Гоце Попов, го посети актуелниот градоначалник Горан Трајковски кој информираше дека по согледувањето на состојбата и намалувањето на нивото на реката ќе се пристапи кон санација на мостот.

-Претходните два дена имаше врнежи од дожд кои доведоа до покачување на нивото на вода во водотеците и реките. Овде во село Тработивиште има големо оштетување на мостот кој води до селските гробишта, кој мора под итно во текот на утрешниот ден да го оспособиме, да биде прооден бидејки има и соодветни земјоделски култури од другата страна, рече Трајковски.

Додаде дека во дел на ублажување на последиците, она што зависи од страна на Општината ќе биде направено, со цел да се санираат и дел од штетите. 

Во однос на река Брегалница, Трајковски додаде дека за среќа нема поплавени станбени објекти и апелираше да не се узурпира речното корито, како и да се внимава на животната средина, бидејки според него поплавите покажале дека фрлањето отпад во речните корита, влијае врз природниот тек на движење на водата во реките.

Видео: https://www.facebook.com/delcevo365.mk/videos/1061317191103152

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*