Надлежните подготвени за снежните врнежи !

Општина Делчево и фирмите задолжени за зимското одржување на локалните улици и патишта и јавните површини се подготвени за снежните врнежи кои интензивно паѓаат на територијата на Делчевско. За зимското одржување на општинските улици и патишта како што информираа од Општината е задолжена фирмата „Дикор цд“ од Струмица, со која по спроведената јавна набавка е потпишан Договор како најповолен понудувач, кој ќе постапува согласно со потребите на Општината и Планот за долгорочно зимско одржување на општинските патишта и улици на подрачјето на Општина Делчево.

-Согласно овој план е предвидена приоритетна листа на одржување патишта и улици кои опфаќаат патишта со асфалтен коловоз од 82,5 км, патишта со коловоз макадам од 42 километри и улици со асфалтен коловоз во должина од 38,5 километри. Надзор на извршените работи врши Одделението за инспекциски надзор при Општина Делчево, а чистењето на снегот од коловозите на патиштата и улиците отпочнува во моментот пред дебелината на снегот да достигне 10  сантиметри, истакнаа од Општината.

За сообраќајниците од прв и втор приоритет како што додадоа обврската за чистење е по наврнати 15 сантиметри во кои спаѓаат сите останати сообраќајници опфатени со планот, со посебно внимание на: острите кривини, стрмните косини, мостовите, големи надолжни нагиби и делови каде има сенка (шуми, осојничави места, реки и слично), патни премини и вкрстувања итн.

Одржувањето и чистењето на тротоарите и јавните површини во градот е обврска на ЈКП „Брегалница“ Делчево, од каде информираат дека претпријатието има обезбедено доволно количини ризла и сол, а претпријатието има спроведено и јавна набавка и склучено договор со локална фирма од каде согласно со потребите сукцесивно ќе се набавуваат дополнителните количини на ризла и сол.

Исто така, претпријатието располага со две нови машини ровокопачи-утоварач и со хидрауличен плуг за чистење снег со ширина од 300 сантиметри, како и две машини фрези за чистење снег од тротоарите и другите јавни површини.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*