Хуманитарна акција на Црвен крст за помош на жителите од опожарените подрачја во Делчевско

Во делчевското село Разловци денес беа поделени хуманитарни пакети, наменети за семејства од социјален ризик, како дел од помошта на Црвениот крст на Р. Северна Македонија, наменета за опожарените подрачја, кои во летниот период го зафатија Пијанечкиот регион. 

Ивана Ангеловски, организациски секретар во Црвен крст Делчево, информираше дека во рамки на акцијата, денес во село Разловци беа поделени 240 хуманитарни пакети.

-Општинската организација на Црвен крст Делчево заедно со своите волонтери, денес во село Разловци изврши распределба на хуманитарни пакети наменети за жителите од опожарените подрачја, поточно за семејства од социјален ризик од самите подрачја. Оваа прилика ја користам да се заблагодарам на општествено одговорните компании, кои помогнаа пакетите да стигнат до самите граѓани, како и до месната заедница која ги детектираше лицата на кои пакетите најмногу им се потребни, истакна Ангеловски.

Претседателот на месната заедница во Разловци, Ванчо Спасевски изрази благодарност за помошта, од Црвен крст, потенцирајки дека истата е добредојдена за жителите во пресрет на претстојните празници.

-Со акцијата ,,горе-долу” се опфатени сите социјално-загрозени лица од Разловци. Доколку некој е испуштен, од Црвен крст најавија дека ќе дојдат повторно, со цел сите од споменатата категорија граѓани, да ја добијат потребната помош, рече Спасевски.

Со дистрибуција на хуманитарни пакети, како што додадоа од Црвен крст се опфатени и селата Нов и Стар Истевник и други села и маала кои беа зафатени од пожарите кои летово ,,дивееја” делчевскиот регион.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*