
Фудбалерот Даниел Гоцевски со поддршка на фудбалскиот клуб „Каменица Саса“ во пресрет на Божиќните празници пријатно ги изненадија своите другарчиња од Дневните центри во Делчево и Македонска Каменица. Возвраќајки им за поддршката која им ја даваат нивните пријатели тие им подарија пригодни подароци со што им посакаа Среќна и успешна Нова 2022 година.

-На моја иницијатива со поддршка на ФК „Каменица Саса“ решивме заедно на нашите другарчиња од Дневните центри во Македонска Каменица и Делчево да им подариме Новогодишни пакетчиња во знак на внимание и поддршка, како што тие ни ја даваат својата поддршка за време на спортските натпревари, рече Гоцевски.

Изрази воодушевување од подарокот кој го доби за возврат од своите другарчиња кои му подготвија вистинско изненадување и во името на клубот се заблагодари за убавиот гест.

Даниел Гоцевски моментално е капитен на ФК „Каменица Саса“, клуб кој се натпреварува во Втората фудбалска лига ИСТОК која е главен претендент за влез во единствената Прва фудбалска лига на Македонија.

ФК „Каменица Саса“ со своите добри игри полека го враќа фудбалскиот сјај од минатото и се наметнува како фудбалски бренд на Истокот.

Моментално се наоѓа на само еден бод заостанување зад првопласираната екипа на табелата, што навестува дека Каменичани навистина се тим кој и тоа како има шанси да биде дел од Македонската фудбалска елита.
Leave a Reply