Пијанечкиот крај богат со народни обичаи за Бадник

Пијанечкиот крај е богат со народни обичаи за Бадник кои ги поврзува колачето со паричка за Бадник. Делчевката Ранка Трајановска која е по потекло од село Раловци вели дека денешниот ден во крајот од каде потекнува е препознатлив по богатата посна трпеза со јадења карактеристични за Пијанечкиот крај. Таа се обиде да долови дел од тамошната традиција поврзана со Бадниковата трпеза.

-Јас сум од Разловци и кај нас за Бадник најпрвин се става слама под масата на која се постила чаршаф. Палиме свеќа завртена накај источната страна која е во колачето. На трпезата имаше баница, зелник, ,,царевица”, ,,шушелки” (суви сливи), печенки, тиква, пиперна сол, ,,лутеница” од компир и грав, посен грав. Исто така на трпезата имаше овошје, јаболки, круши кој што има, раскажува Трајановска.

Најстариот член на семејството, потоа како што додава, го дели колачето со паричка, откако претходно на влезната врата ќе го повика Господ на вечера.

-Колачето се крши на два дела, па потоа се дели прво на Богородица, па потоа на Господ и потоа на членовите во семејството, од најстариот до најмладиот. Претходно го земаме лепчето, баницата и зелникот и го повикуваме ,,дедо Господ” на вечера со зборовите ,,Ајде Дедо Боже да вечераме”. Потоа откако ја палиме свеќата ќе се прекрстиме завртени накај Источната страна завртени, додава Трајановска.

Откако ќе се падне паричката, раскажива Тракановска се благословува среќникот кај кого се паднала која потоа се става во чаша со црно вино.
-Паричката цела година се чува во чашка со вино, а потоа со неа се купуваше темјан. Тоа е многу убав обичај, раскажува Трајановска.

Како продавач на чисти органски производи, Трајановска деновите пред Бадник ги помина во центарот на градот, каде по пристапни цени на минувачите им нудеше од Бадниковите производи.

-Имаме јаболка, сув пипер, пченка или царевица како што ка викаме овде, ,,к’цана сол” со пипер и ореви, тиква и се друго што ќе им притреба на граѓаните за Бадник, додава тетка Ранка.

Иако е свесна дека куповните можности на граѓаните се намалуваат од година во година, цените ги приспособува согласно нивната парична моќ, но сепак е задоволна од продаденото. На граѓаните им посака многу здравје, среќа и успех во Новата година упатувајки им желби за убаби празнични моменти со нивните семејства за Божик.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*