Делчевското село Тработивиште ја продолжи традицијата за дочек на Стара нова година

Во делчевското село Тработивиште и годинава на сретсело продолжи традицијата за дочек на Стара Нова година.  Соња Белогаска која со семејството се кумови на годинешниот настан, истакна дека средбата се организира со поддршка на мештаните и спонзори.

-Како што може да видите има доста луѓе, со помош на спонзори имаме доста храна и пијалоци, за што им се заблагодаруваме, а на жителите им посакуваме се најубаво во Новата година, рече Белогаска.

Во рамки на дочекот на Стара Нова година како што додаде се крши Василичарска погача со паричка, а оној кај кого ќе се падне паричката, ќе биде кум и организатор на настанот наредната година.

Во рамки на селската веселба присуствуваа и гости од Измир, Република Турција, чии претци како што посочи Димитар Темелков жител на селото, потекнуваат од село Тработивиште.

-Родителите на овие наши гости од Турција порано живееле овде, затоа се повикани да учествуваат на заедничка прослава. Им посакуваме многу среќа радост и убавини, нивното присуство за нас претставува големо задоволство и посакувам и во следните години заедно да се соживуваме со овој настан, рече Темелков.

Село Тработивиште, како што додаде Џелал Садулов е село каде живеат мештани од повеќе националности, кои немаат никакви меѓусебни проблеми и сите меѓусебно се почитуваат,  за што како што посочи, сведочи денешниот настан.

Честа да биде кум идната година му припадна на Венко Иванов кој најави дека со поддршка на мештаните ќе се потруди да ја одржи традицијата за дочек на Стара нова година во село Тработивиште.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*