Во делчевското село Ѕвегор продолжува вековната василичарска традиција ,,Ѕвегорска Сурова”

Во делчевското село Ѕвегор ,,ечи” Василичарскиот поздрав „Сурова“, како дел од стогодишната традиција преточена во карневалот на отворено наречен „Ѕвегорска Сурова“. Главната карактеристика на традицијата за овој настан е „истерувањето на злото“ од селото, за што се задолжени големиот број маски, кои се препознатлив знак на Ѕвегорска Сурова. 

Славе Гошевски кој долги години учествува во оваа традиција, а годинава ја имаше улогата на домаќин, вели дека најзначајната улога во манифестацијата ја има невестата, чија маска никако не смее да се открие пред завршувањето на карневалот. 

-Невестата ја штитиме од другите, за да ни биде чесна, а затоа тука се мечката, мечкарот со „охраната“ кои ја чуваат. Таа се „открива“ кога ќе заврши Сурова, ако ја откријат предвреме тоа „не е на арно“, така вели легендата. Како домаќините во текот на обичајот ги пречекуваме суроваскарите, дарувајки ги со разни дарови, а тие мораат секоја куќа да ја посетат, вели Гошевски.

Кум на овогодишната Ѕвегорска Сурова е Ване Гошевски со семејството, кој ги покани Ѕвегорци и луѓето од Делчево и околината на завршниот дел од Сурова кој вечерва ќе се одржи во селскиот дом.

-После една година пауза, оваа година повторно ја одржуваме традицијата во име на манифестацијата Ѕвегорска Сурова. Оваа година имаме 43 маскирани учесници и посакуваме од следните години да бидеме помасовни. Ги покануваме сите на крајот на денот да ни се придружат на заедничка вечера, каде ќе ја откриеме невестата, рече Гошевски.

Суроваскарите по традиција ги запираа и учесниците во сообраќајот, кои поминуваа на меѓународниот пат кон Република Бугарија кој поминува низ Ѕвегор.

-На сите им посакувам добро здравје и просперитет, истакна возач од Турција дарувајки ги со пари „Суроваскарите“.

По откривањето на невестата во доцните вечерни часови, учесниците во манифестацијата ќе го одберат и новиот кум, кој ќе има за задача да биде главен организатор на Ѕвегорската сурова наредната година.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*