Депопулацијата на свињите му ја ускрати егзистенцијата на Ацо Десподовски од Димовско маало

Ацо Десподовски од делчевското село Драмче е задоволен од проценката на штетата, по извршената депопулација на свињите во радиус од 3 километри од првичното жариште каде беше утврдено присуство на Африканска свинска чума. Како што самиот изјави, за неговите 60 грла свињи тој од страна на државата ќе добие доволно средства за да ги покрие загубите од угинатите свињи, но истовремено за него претставува голема загуба, бидејки не знае до кога ќе трае забраната за одгледување свињи.

-За мене ова е голема загуба, бидејки на 5 јануари останав технолошки вишок, а потоа за два дена ми ги отстрелаа свињите. Местото каде беше пронајден вирусот е далеку од мене, но се случи тоа што се случи. Отстрелани ми се околу 60 свињи, имаше и големи и мали. Задоволен сум од проценката, сега е важно да ги добиеме парите, да не обештетат, а потоа што ќе кажат тоа е, вели Десподовски.

По добивањето статус на технолошки вишок во комуналното претпријатие каде работел како хигиеничар, неговата цел била да се посвети исклучиво на свињарство, но потоа уследила појавата на Африканска свинска чума, која како што додава се појавила од дивите свињи кои ги има во изобилство.

-Минатата година претерано имаше диви свињи. Овде во маалото направија пустош на пченката. Според мене е подобро да се извршеше отстрел на дивите свињи, тоа е мое мислење, додава Десподовски.

Во однос на забраната за лов на диви свињи, Александар Дончевски, претставник на здружението Хантер Про кое е концесионер на повеќе ловишта во Пијанечко-малешевскиот регион, вели дека од страна на ловците има доста негативни размислувања.

-Тие велат дека ловот требаше да продолжи со отстрелување, за да се знае дали има заболени, бидејки во шумата на дивите свињи кај што се појавува оваа чума единствено дел од ловците можат да откријат дали навистина постои свинска чума, вели Дончевски.

Со цел спречување на ширењето на болеста, доколку според Дончевски се утврди дека е контаминиран теренот, препорачува селективен отстрел, што според него ќе значи и заштита на домашното производство.

-Во таа насока како здружение од страна во име на ловците до Ловечката федерацијата испратен е апел до надлежните дека ловот треба да биде пуштен, да го искористат ловците ова право до 31 јануари годинава. Целта е да може да се направи увид на умрени единки додека ги има и да има поголем отстрел на дивеч, за да нема чума, додава Дончевски.

Деновиве во делчевско заврши депопулацијата на свињи затекнати во домашните одгледувалишта во радиус од три километри од првичното жариште, каде беше пронајдено присуство на вирусот. Притоа како што беше соопштено од Агенцијата за храна и ветеринарство уништени се над 200 грла домашни свињи, за што сопствениците ќе добијат соодветен финансиски надомест.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*