По забраната за лов, диви свињи забележани во атарите на повеќе делчевски села

По појавата на Африканска свинска чума во Делчевско и мерката за забраната за лов, диви свињи забележани како слободно шетаат во атарот на неколку делчевски села. Последниот ваков случај го забележал жител на Габрово кој забележал дива свиња покрај патот кој води до селото.

-Дивата свиња беше прилично мирна, не правеше штета, туку бараше храна покрај патот. Некои велат дошла од Вртиславци, некои дека е припитомена бидејки е одгледувана во домашни услови, вели Габровецот.

Дека диви свињи често се одгледуваат во домашни услови, може да се потврди и од случајот од изминатото лето, кога дивото животно беше забележано во градскиот парк во Делчево, а потоа беше потврдено дека свињата избегала од кафез, во кој се чуваат и домашни свињи.

Одгледувачите на свињи кај чии грла неодамна беше извршена депопулација се децидни дека Африканска свинска чума се појави токму од дивите свињи и затоа според нив требаше да се спроведе хајка на диви свињи, со цел да се намали влијанието на вирусот. Во таа насока Ацо Десподовски од село Драмче на кого му беа уништени 60 грла свињи потврди дека дивите свињи годинава ги има во изобилство.

-Не само што ги има туку направија голем пустош по нивите. Целата пченка ја однесоа, а правеа и други штети, вели Десподовски.

Од таа причина неодамна Ловното здружение ,,Хантер Про” упати апел да се тргне забраната за лов до 31 јануари, за да има поголем отстрел на диви свињи и да се направи увид на умрени единки, со цел да се утврди дали и по депопулацијата на домашните свињи, има присуство на Африканска свинска чума кај дивите свињи. 

По појавата на Африканска свинска чума во делчевското село Драмче во радиус од 3 километри беше извршена депопулација на околу 200 грла, за што сопствениците ќе добијат соодветен паричен надомест.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*