Ратевските Бамбурци ја продолжија шествековната традиција за ,,Собор на св.Јован Крстител”

Во беровското село Ратево, продолжи карневалот ,,Ратевски Бамбурци” преку кој е прикажана шествековната традиција за празникот ,,Собор на Св.Јован Крстител”. Мерките за заштита придонесоа годинава на карневалот да изостанат гости од други градови, поради што карневалот беше посветен на самата традиција и претставувањето на Бамбурците во нивното изворно значење.

Како што истакнаа организаторите од истоименото здружение, настанот е белег за легендата за митолошките јунаци Бамбурци.  Започнува ноќта во очи празникот ,,Собор на Св.Јован Крстител”, кога ,,Бамбурците” во крајно релаксирачка атмосфера со обилно точење на алкохол, се подготвуваат за обредот. 

-Во напуштени куќи Бамбурците ги обликуваат костимите со синџир, ги ставаат ѕвонците и клопотарците, своите лица ги прекриваат со страшните маски, на кои се ставени и животинските рогови и глави и по првото пеење на петлите ги напуштаат табуизираните простории, упатувајки се по селските улици. Така маскираните мажи, трчајки по улиците со звукот кој се шири од ѕвонците и клопотарците, ги будат селаните за да им го навестат доаѓањето на големиот ден, доаѓањето на денот кога селото ќе се прочисти од сите духови и сите лошотии, истакнаа во своето претставување на обичајот, организаторите од здружението Ратевски Бамбурци.

Маскарадното дефиле и карневалот кој по 13 пат се одржа во Ратево и годинава за отворен го прогласи градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски.

-Добредојдовте на нашиот карневал кој претставува вистинско зачувување на културните вредности и негување на долгогодишните вредности на село Ратево. За вистински поздрав е што преку карневалот опстојува шествековната традиција со страшни маски, кои бркајки ги злите духови навестуваат подобро утре и поплодна година, рече Пекевски.

Иако пандемијата влијаеше на бројот на учесници, според градоначалникот мошне важно е и во вакви услови да продолжи традицијата, изразувајки надеж дека манифестацијата Ратевски Бамбурци во иднина ќе биде една од најпосетените во Македонија.

Настанот и годинава го поддржа Општина Берово како и локални спонзори од Ратево и Малешевијата.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*