Редовни здравствени прегледи за Ехо на дојка од февруари во Делчево

Здравствени прегледи за ехо на дојка од 2 февруари годинава ќе се вршат секоја среда во Здравствениот дом во Делчево. Со здравствената услуга како што информираа од Општината, делчевските пациентки ќе можат преку своите матични доктори да закажат прегледи преку Мој термин кај д-р Андријана Илиевска-Велковски. 

-Воведувањето на оваа нова здравствена услуга е резултат на прифатената иницијатива за  воведување превентивни прегледи на дојка доставена до Здравствениот дом во Делчево од страна на Комисијата за еднакви можности при Општина Делчево. Со поддршка на пратеничката д-р Соња Михаиловска, директорката на Здравствениот дом, д-р Марија Глигоровска, како и на д-р Андријана Илиевска-Велковски, прегледот ехо на дојка влезе во системот на услуги во Здравствениот дом, истакнаа од Општината.

Координаторката на еднакви можности во Општина Делчево, Сузана Петровска потенцираше дека раното откривање на малигни промени на дојката е најважно во борбата со канцерот на дојка, што е често заболување во нашата средина.  

-За оваа 2022 година воведувањето ехо прегледи на дојка беше наша прва иницијатива и резултат на долгогодишната потреба на жените од Делчево, бидејќи пациентките за прегледи на дојка често одеа по центрите во Штип, Скопје, се чекаше и подолго време за термини, или тие плаќаа во приватни ординации. Но, знаеме и дека многу од жените се откажуваа од вакви прегледи, дали поради работните обврски, отсуствата од работа, патните трошоци, фактори кои го ставаат во ризик здравјето на жената. Сега, кога Здравствениот дом има едуциран кадар, се создадоа можности за воведување на ваква превентивна услуга, рече Петровска.

Во име на Комисијата за еднакви можности изрази јавна благодарност до сите кои овозможија жените од Делчево во јавното здравство да добиваат услуга која може да им го спаси животот.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*