Како се живеело во Царево Село според сеќавања на Тане Ѓорѓиевски (Објава на ЈЛБ ,,Илинден”)

Објава на Јавната локална библиотека „Илинден“-Делчево.

СЕЌАВАЊА на Стојан Ѓеоргиевски-Тане за состојбите во Царево село во времето помеѓу 1920-1940 година

„Роден сум во Царево село во 1915 година. Моите родители се дојдени од село Бигла во 1914 година. Како ученик во основното училиште во Царево село од 1923 година, а по завршувањето на Вишото основно училиште во него, како чирак во берберските дуќани на Зафир Димитров и Ванко Димитров, имав можност да ги пратам сите настани во Царево село од тоа време па до денес.
Јас го памтам Царево село како мало убаво гратче. После Балканските и Првата светска војна во него започнува оформувањето на чаршијата со занаетчиски, угостителски дуќани и анови.

Дуќаните ги држеа во најголем број од македонското население и мал број од турското.
Во 20-те години од XX век, населбата Царево село беше сместена само на левата страна од реката Брегалница. На десната страна каде сега се наоѓаат Ново Делчево и Милково Брдо беа ниви и бавчи.

На десната срана од Брегалница се наоѓаат водениците на царевоселци. На Габровчица, над мостот на меѓународниот пат за Бугарија, беше воденицата на Никола Киселички. Низводно од неа,исто така на Габровчица на околу 500 метри, беше воденицата на Митко и Ѓорги Симионови, дојдени од Крушево. Кај автобуската станица беше воденицата на Миленкови и Омбашијци (турци). Кај Студената чешма имаше воденица со 4 витла на Ристо Каменарот и Јангел Мешко.

Покрај Габровчица и Брегалница се наоѓаа бавчи со фурни за печење на сина слива. Во близината на сегашниот пензионерски дом имаше 2 фурни со по 20 леси за сушење на сини сливи во сопственост на Николачко Чорбаџиски. Погоре од оваа фурна од десната страна на Габровчица постоеше фурна на семејството Киселички Никола, Спиро и Ристо, исто така за печење на сина слива со 20 леси. Една лесе беше долга околу 4, а широка околу 2 метри.

Печените сливи се продаваа и на пазарите и надвор од градот. Првите државни згради на десната страна на Брегалница се градени во 30-те години на XX век. Прво е градена зградата во која подоцна се наоѓал дел од осмолетката „Кирил и Методиј“. Колку можам да се сетам таа зграда е градена помеѓу 1928-1932 година.

Во триесеттите години е градена Соколаната. Во изградбата на Соколаната учествуваа и војниците од граничната единица на потпуковникот Перишиќ. Во тие години е градена и среската зграда во која подоцна беше и Општинското собрание. Двете постари згради кај Одделението за внатрешни работи се градени за времето на бугарската окупација 1941-1944 година.

Првите приватни куќи на десната страна од Брегалница се градени околу 50-те години на XX век. Тоа се куќите на Мајсторчето, Џабирци, Мираликини. Пред тоа околу 1925 година на местото каде што е сега поштата, со 4 соби беше изградена куќата на учителот Василие Цониќ. Околу 1922 година на десната страна од Брегалница, кај сегашниот мост имаше кафеана на Никола Киселички. До неа имаше штала која беше издавана за потребите на коњите на џандармеријата.

До отпочнувањето на градба на куќите на десната страна на Брегалница кои беа сосема малку до 50 –те години на XX век, населбата Царево село се наоѓаше на местото каде сега се наоѓаат куќите од I, II и III реон. Чаршијата, центарот на гратчето, се протегаше на двете улици, започнувајки од 50-тина метри низводно од мостот во северен правец до амамот на Чимевите. Во неа беа сместени занаетчиските, трговските, угостителските дуќани, ановите и јавните установи.

На левата страна од Брегалница, од мостот низводно во ладовина на тополи и врби, имаше летна бавча со исковани маси и клупи, без покрив, во која летно време на кафе и чашка ракија навраќаа занаетчиите, трговците и службениците и други гости. Низводно од таа бавча забележителен објект беше тишлерската работилница на Душан Радосавлевиќ, дојден во Царево село како колонист од Тимочка Краина.Таа зграда подоцна беше и кафеана, а подоцна и менза.

Од 30-те години на XX век трговските дуќани се наоѓаа на првата улица од кај Брегалница, а занаетчиските и угостителските дуќани и ановите се наоѓаа околу втората улица. Во трговските дуќани се продаваа разни стоки на ситно: тексил, железарија, ортоми и оглави за добитокот, сол, шеќер, зејтин, газје. Потоа имаше и порцелан, боја, кондури, невестинска опрема и сл. Такви дуќани имаа Ристо и Спиро Киселички, Јован Мухтијата, Крум Попданилов, Чиме Христов, Алија Пепишков, Ѓорги Атанасовски, Јованчо и Никола Котев, Симевите и повремено и други.

Јованчо Стојанов на кој родителите му живееле во с.Град имаше репрезенативен дуќан за текстил и аналински бои. Јангел Мајсторчето имаше голем дуќан за железарија. Во куќата на Еротеја Златков се продаваше невестинска опрема. Зад Стоковната куќа имаше 3 ромски ковачки работилници, а таму се наоѓаше и казаницата на Киселички со 2 бетонски казани за комини. Терзиски дуќани имаа Ристо Кокалски и Пеце Рајата. Ефтим Ралупчето продаваше потури, елеци и сл. Нови кондури по нарачка правеа браќата Глигор и Васил Петрови – Парагаравци.

Со берберски занает се занимаваше Ванко Димитровски, Зафир Димитровски и Ѓорги Арсов. Со грнчарство се занимавале Мите, дедо на Брицо и Спиро грнчарот. Фурни имаа Васко Илиев и Стојан Димитров. Имаше и маалски фурни. Во фурните се печеше леб, колачиња и симит. Симитот беше посебно вкусен. Најмногу го сакаа децата, а се правеше од чисто брашно, маја и наут.

Во чаршијата беше и книжарницата на Панте Чорбаџиски и единствената зарзаватчилница на Пешо Атанасов, дојден од Кочани. Слаткарници имаа Тимчо и Гаврил Џабирски. Во бакалницата на Миропа Настева се продаваше боза, алва, шарени бонбони, чоколада. Бифе за пиење од нога имаше Ване Рајата, а Дане Мавродиев продаваше за пиење од нога, кафе,чај и ракија во чоканчиња.

Од 30-те години работеше и хотелот „Брегалница’ на Чимевите. Касапницата беше под сегашната зграда на Ветеринарната станица, под скалата до која допираше водата од реката Брегалница. Заколениот добиток веднаш се миеше од водата на Брегалница, која беше чиста како солза.

Во чаршијата се наоѓаше и пазарот кој се одржуваше секогаш во сабота.Тој пазар беше на локација помеѓу училишната зграда и сегашните куќи на Миленковите. Живата стока се продаваше кај коритото на Брегалница, зад сегашниот споменик на паднатите борци.

За разлика од некои други градови во околината, добитокот тука се чуваше во штали во дворовите на куќите. Тоа беше карактеристично за маалите од погорниот дел на градот. Земјата се обработуваше со рало и плуг и со воловешка запрега. Вршидбата на житото се вршеше на гумна со коњи.

Младите на матинеа и други забави свиреа на прим, гитара и бас. На прим свиреа Стојан Златков и Кољо Берберинот. На гитара Павле Дамјанов, а на бас Трајан Миленков. На тие забави не се свиреше на виолина. На виолина свиреа, црковниот хор го водеше учителот Димитар Кушевски, кој свиреше и на виолина. На свадби свиреа циганите на тапан, труби и кларинет.

Имаше свечена и секојдневна облека. Во секојдневната облека по селата преовладуваа алишта и кај машките и кај женските сошиени од волна. Во градот покрај облека од волна се користеа и индустриски штофови. Празничната облека имаше украси во вид на шари, гајтани, колани од мониста. Кај женските и обетки, гривни, пафти, ѓердани сл.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*