Тајните канали на ТМРО во Пијанец (Објава на ЈЛБ ,,Илинден”)

Овој четврток ЈЛБ„Илинден“- Делчево, требаше да сподели сеќавања за развојот на Царево село, но, на ден пред одбележувањето на 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, одлучивме да споделиме сеќавање кое го спомнува и раскажува за великанот Гоце Делчев.

СЕЌАВАЊА

ТАЈНИТЕ КАНАЛИ НА ТМРО ВО ПИЈАНЕЦ

Македонското население од Пијанец континуирано го пројавува својот револуционерен ослободителен дух во втората половина од XIX век и почетокот на XX век.Тоа население за ослободување од османлиската власт, го подигнало Разловечкото востание.Ја организираше народно востаничката власт во времето на двомесечната слобода на Пијанец 1878 година.Се вклучи во Креснеското востание и зема многу активно учество во работата на ТМРО. Гоце Делчев имаше забележителен број на верни соработници помеѓу пијанчани.

Најмногу активности Македонцие од Пијанец пројавиле во поддржувањето на тајните канали на Организацијата.Преку тие канали од Бугарија во Македонија било внесувано оружје, муниција,пропаганден материјал, а биле преведувани и илегални работници и чети, во двата правца.

Во Ќустендил и Дупница се наоѓале двата многу активни задгранични пунктови на Организацијата.Близината до Пијанец на тие пунктови овозможувала, повремено или постојано, преку него да поминуваат повеќе тајни канали.Според најновите истражувања, преку македонскиот дел од областа Пијанец, поминувале 5 такви канали.

Еден од многу користените канали во времето на ТМРО , а и покасно, бил каналот кој поминувал од Ќустеднилското село Сажденик, преку нашето село Саса и понатаму до внатрешноста на Македонија.Преку тој канал, Павел Шатев во зимото 1903 година пренесувал динамит за солунските атентатори.Преку него поминувале, во двата правца, и поголем број на чети пред и по Илинденското востание.Каналот го опслужувале поголем број на жители од Саса, но досега се познати имињата на Коле,Антон и Ѓеро, како што запишал Шатев во своите спомени, сите од Сарафското маало.Гоце Делчев во списокот на организационите луѓе од Саса го забележал и името на Иван Ангелов.

Никола Петров Русински во своите спомени соопштува дека за илегални потреби на Оранизацијата бил користен и патот што ги поврзувал ќустендилското село Раково со делчевските села Селник и Драмче.
Помеѓу најфрекфентните бил и каналот кој водел од Штип, преку Виница, до делчевското село Илиово, во кое бил предвиден преоден пункт, па до Ветрен и понатаму до Ќустендил.Во уредувањето на тој канал заедно со Ангел Баба Божанин од Виница, учествувал и Гоце Делчев кој бил учител во Штип.А и самиот повеќе пати поминал по него.

Во литературата се среќава и таен канал кој од буарското село Црварица поминувал преку Варево село и понатаму за Пехчево па до ватрешноста на Македонија.За работата на тој канал не се среќаваат многу податоци.Најверојатно тој канал не бил многу активен, затоа што да се дојде од Црварица до Царево село,требало да се помине преку села кои во тоа време биле населани само со муслиманско население, кај Црната скала во близина на Црварица се наоѓала воена и полициска единица, а и во Царево село две третини од населението било муслиманско, што не давало гаранција за безбедно функционирање на каналот.

Преку дел од пијанечките села поминувал и Малешевскиот канал.Од Дупница и Лешко, во Бугарија, некои пратки и нелегални работници, поминувале и преку селата Панчарево,двата Истевници и Разловци.За користење на тој пат се среќаваат податоци и во преписката на Гоце Делчев и во спомените на Русински.
Како соработници на тајните канали во Пијанец биле ангажирани поголем број на мештани од Царевоселско. Во писмата на Гоце Делчев и во останатата литература , од Царевоселско, се спомнуваат имињата на Тошо од Илиово, Митко Георгиев од Киселица, Коле Циганчето од Селник, Јане Бумбарот од Драмче, Стојца Чорбаџиски од Панчарево, и други.Во писмата на Гоце Делчев се спомнуваат Разловчани,Ветренци,Вчковци кај Дрмче и други.

Видно учество во работата на ТМРО земале и бегалците од Пијанец, кои во 1878 година се нашле во Бугарија, во најголем број во Ќустендил и Дупница.Според некои не целосни податоци, во тоа време од денешно Делчево и Каменица таму се нашле околу 2500 бегалци.Само во Ќустендил од Пијанец се населиле над 700 души од кои од Царево село над 300.Тие луѓе верувале дека преку активностите на ТМРО ќе се дојде до ослободување на Македонија, па тие ќе можат да се вратат на своите родни огништа.

Висок соработник на Гоце Делчев во Ќустендил, бил адвокатот Глигор Бојаџиски, бегалец од Царево село.Григор е син на Митко Бојаџијата кој во времето на двомесечната слобода на Пијанец 1878 година беше член на времената Управа на слободната територија.Потоа целото семејство заедно со осумгодишниот Григор, побегнал во Ќустендил.Забележителни активности во работата на Организацијата пројавил и учителот од Ќустендил Глигор Поп Иванов, исто така бегалец од Царево село.

На повеќе места во својата преписка, Гоце Делчев, го спомнува Петре Попо Димитров од Ветрен, кој по поделбата на селото во 1878 година се нашол од другата срана на границата и многу ја помагал работата на Организацијата. Тој бил главен координатор на преодниот пункт во тоа село. Видно учество во работата на тој пункт земал и Стојан Судијата, од истото село, кој имал имот од дете страни на границата.

Иако нема прецизни податоци за вкупниот број на соработници на Организацијата и од бегалците во Бугарија и од македонското население од нашиот дел Пијанец, сепак има некои познати бројки кои кажуваат за нивната ангажираност.

Само во Виничката афера од 1897 година, за да не бидат затворени и малтретирани како соработници на ТМРО, од Пијанец , и тоа само во Ќустендил побегнале 104 души и во Дупница 24. Ако се има во предвид дека некои од тие бегалци се засолниле кај свои роднини и пријатели кои како бегалци од порано се нашле во Ќустендил и Дупница, тогаш тие бројки се и поголеми.
Ако се соберат сите активисти од тој крај, кои биле ангажирани во работата на ТМРО, како курири, ќираџии и домаќини, кај кои престојувале нелегални работниц и и чети, таа бројка би била уште поголема.

Заради сето тоа , денешните генерации од нашето подрачје, им се благодарни на своите предци, и се горди што центарот на Пијанец го носи името на великанот на македонското ослободително движење, Гоце Делчев.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*