Интегрална објава од отчет за 100 дена од работењето на Александар Китански – Градоначалник на Пехчево:
Почитувани сограѓани,
Драги пријатели,
Довербата од граѓаните значеше и обврска да почнеме да го остваруваме она кое што го ветивме пред граѓаните и истовремено поттик да работиме со сиот капацитет, заедно со општинската администрација да создадеме услови за реализација на многу проекти кои имаат за цел една иста работа, а тоа е подобрување на квалитетот на живот за сите Вас и развој на нашето Пехчево.
Транспарентно, отчетно и отворено работење е она за што јас се определив од самиот момент кога одлучив да го „изодам“ патот, а потоа и ја добив довербата да бидам градоначалник на сите Вас. Точно таа отвореност и непосредност во работата, верувам дека сите Вие ја имате почувствувано во овој релативно краток временски период, откако ја извршувам функцијата градоначалник на Општина Пехчево.
Поради недомаќинското работење низ минатото, и блокираната сметка долгот е најгорливиот проблем со кој се соочува општината. Финансиската и материјалната ситуација во општината е клучно прашање, очекувам од граѓаните да имаат трпение, да дадат време на администрацијата да ги решава проблемите и да создаде услови за градежна експанзија.
Периодов од стоте денови го започнавме со објавување на тендери за изградба и реконструкција на улици, баравме инвеститори, аплициравме нови проекти, а и не седевме со скрстени раце, туку завршени се и неколку проекти.
Во однос на реализирање на проекти можам да кажам дека извршивме изградба на крак од улицата бр.2 во село Црник и улицата бр.3 во село Црник. Овие две улици се реализирани со грант средства од Меѓународната банка за обнова и развој, Светска банка, и со буџетски средства на општина Пехчево преку Проектната единица на Министерство за финансии и МСИП. Вкупната вредност на двата проекти е 2.002.630,00 денари со вклучен ДДВ при што и општина Пехчево учествува со сопствени средства во вкупниот буџет на проектот.
Преку Биро за регионален развој, извршивеме изградба и на улицата бр.4 исто така во село Црник. Вкупниот буџет за изградба на улицата Бр.4 изнесува 2 546 503 денари од кои 296 000 денари се за изградба на потпорни ѕидови.
Во рамки на проектот ,,Градење на општински капацитети за имплементација на проекти,, финансиран од страна на Шведската агенција за развој (СИДА) и имплементиран од страна на Програмата за равој на Обединетите нации (УНДП), односно Фондот за техничка документација, општина Пехчево доби поддршка за разрешување на приоритетни инвестициски проекти и предизвици за локалниот развој. Подршката од страна на донаторите се состои, во подготовка на техничка документација за реконструкција на пречистителната станица за вода за пиење (Филтер станица за вода за пиење) во Пехчево. Крајниот резултат од оваа проектна активност е проектирање на нов, модерен објект-Фабрика за вода во Пехчево.
Во ООУ.„Ванчо Китанов“ опремен е нов кабинет по природни науки, и набавен е специјално дизајниран инвентар наменет за лабораторија по Природни науки, што ќе допринесе за поквалитетно и непречено изведување на наставата по овој предмет, за изведување на експерименти и подготовка на проекти. Опремата е донација од Министерство за образование и наука.
Поставивме систем за вршење на видео надзор на Локалитетот Барски еко – систем „Езерце“, 24 часовна заштита од кражби, вандализам, уништување или друга форма на загрозување на имотот и добрата, заштита од фрлање на ѓубре и заштита на животната средина околу предметната локација.
Поставени се нови контејнери за комунален отпад на повеќе локации низ општината.
Со отпочнување на градежната сезона Општина Пехчево ја очекува градежна експанзија.
Во блиска иднина ќе започнеме со изградба на 3 улици во должина од 2.7 км во градот Пехчево за кои се одобрени средства од проектот „Поврзување на локални патишта“, имплементиран од Министерството за транспорт и врски, со финансиска подршка од Светска банка, со вкупна вредност од околу 600.000 евра.
Со подршка преку програмата на ТАВ за подршка на инфраструктурни проекти, одобрени се околу 8.000.000 денари со кои ќе изградиме улици во повеќе селски населби.
Преку Министерството за локална самоуправа, Бирото за регионален развој и Источно плански регион, наскоро ќе започнеме со изградба и поставување на урбана опрема на Спортско рекреативен центар на Туристичката населба Равна Река, на месноста викана бараки.
Со проектот Подобрување на општинските услуги – енергетска ефикасност, со средства од Светска банка и Министерство за финансии, ќе се имплементираат повеќе мерки за енергетска ефикасност на општински објекти во општината. Во завршна фаза е тендерската постапка за воведување на е-општина преку УНДП и Биро за рамномерен развој, во рамки на проектот за Одговор на општините за борба против Ковид19. Во овој проект општина Пехчево е партнер со останатите општини од источниот рекион и Центарот за развој на Источно плански регион.
Во село Негрево со изградба на два надворешни тоалета и поставување на олуци на објектот, ќе го доуредиме Едукативниот центар за зачувување на природата. Проектот е со подршка на Програмата за зачувување на природата, финансиран од Швајцарската агенција за развој и соработка.
Во подрачното општинско училиште во село Црник, исто така ќе изградиме надворешни тоалети.
Ќе го уредиме и доуредиме парковите и детските игралишта во централното градско подрачје и локалитетот Езерце.
Сите овие остварени и отпочнати проекти се само почеток за идните планови за Општина Пехчево. Се надевам дека со овие 100 дена работа успеав да оправдам дел од вашата дадена доверба. Овие достигнувања ми даваат уште поголем мотив за иднина да работиме уште понапорно и да го исполниме ветувањето Пехчево да ни биде на прво место.
Функцијата градоначалник со себе носи голема одговорност. Бара многу труд, вложување, упорност и многу работа. Градоначалникот е избор на народот. Вие, драги мои сограѓани, мене ми ја дадовте довербата да ја извршувам оваа функција. Влегов со големи амбиции и уште поголем предизвик да ја оправдам дадената доверба и да Ви докажам дека Вашиот избор e правилен.
Тука не застануваме. Со заеднички сили и разбирање ќе се потрудиме да направиме уште повеќе.
Ви благодарам!
Leave a Reply