
Се зголемува бројот на читатели во делчевската библиотека. Како што информираше директорката Билјана Петровска само од почетокот на 2022 година библиотеката има регистрирано 105 нови членови.
-Оваа бројка на нови членови во Јавната локална библиотека „Илинден“ Делчево е најголема за истиот период во изминатите 3 години. Сето тоа е само показател дека мораме да продолжиме да работиме посветено, транспарентно, да следиме што се случува во светот на книгите, и на полиците на библиотеката да имаме се што е ново, интересно, барано и хит, рече Петровска.
Она што според директорката посебно радува е што децата покрај задолжителните лектири, се почесто изнајмуваат и читаат слободна детска литература.

-Од лектирите моментално основците најмногу ги бараат „Волшебникот од Оз“ и „Белото циганче“, средношколците „Пустина“ и „Вујко Вања“. Средношколците од 4 година, за подготовка на матурата, најмногу бараат стручна литература од областа на медицината, особено Микробиологија.Од слободна литература, нашите читатели моментално најмногу го бараат Тес Геринсен. Многу читани се и „Од жарјето“, „Господин неподнослив“ и Еден по еден“, додаде Петровска.
Приоритет на библиотеката како што додаде и понатаму останува привлекувањето на нови членови кои секојдневно ќе можат да уживаат во саканата литература.
Leave a Reply