Подемот и падот на Југовитропан (2, 3 и 4 дел)

Пишува: Крум Николовски

“ПОДЕМОТ” И ПАДОТ НА ЈУГОВИТРОПАН-ДЕЛЧЕВО (2)

Условите за работа во фабриката беа многу лоши, како во производниот погон, така и во канцелариите каде работеше минималната администрација. Можеби полоши беа само во јамите на рудникот “Саса”. Производната хала имаше површина од 1800 м2, со бетонски под и 3 големи хангарски врати, кои секогаш беа отворени. Покривот беше од салонитни табли.
Загревањето, ако така може да се нарече, беше со дрва ставани во две железни буриња од по 200 литри, поставени, едното меѓу предарите, а другото кај сушарата.

Каква беше температурата надвор, исто таква беше внатре во халата. Студот ги “глодаше” коските на луѓето во погонот. Канцелариите се загреваа со ќумбиња на дрва. Прозорите беа метални и преку нив “бегаше” и колку-толку создадената топлина. Луѓето работеа со зимски палта. Во магацинот за репроматеријали немаше ниту ќумбе. Единствено во канцеларијата кај директорот имаше термо печка на струја. Готовите производи (филтер ролни и рамови) беа во погонот.

Во летниот период температурите беа ужасно високи. Беа значително повисоки од надворешните, бидејќи стаклените влакна се извлекува на температура од 1200°С. Сушарата пак работеше со температура од 250°С. Истите допринесува до поголемо испарување на карбамидниот раствор-урекол, кој предизвикуваше неподносливо “штипење” на очите.

Во првите години не постоеше кујна, па вработените си носеа јадење од дома. Покасно беше отворена кујна, која беше повеќе од скромна. Вработените во погонот добиваа по 250 мл пресно млеко. Иронично беше што десетината административци не добиваа млеко, иако и тие го вдишува истиот нечист воздух. Тоа беше “дело” на самоуправниот работнички Совет. Не беше само тој апсурд, ги имаше многу.

Поради ваквите тешки услови за работа, многу работници ја напуштаа фабриката. Имаше напуштање и од администрацијата. Најчести причини беа недоразбирањата со директорот Тоде Илиевски. Тој беше од “стариот ков” на директори и постојано се плашеше за директорската фотеља. А таа фотеља беше никаква. Премногу “расклатена”, па ниту еден од “внатре” или од “надвор” не фрлаше мерак кон неа. Тој сиротиот многу се плашеше да не му ја земат. И така си остана првиот и последен директор на фабриката.

Југовитропан; Фото:Љ.Чучуковски

“ПОДЕМОТ” И ПАДОТ НА “ЈУГОВИТРОПАН” – ДЕЛЧЕВО (3)

Во првите години од работењето на фабриката се употребуваа увозни репроматеријали. Подоцна полека тие се заменува со домашни (југословенски). Тие беа поевтини, но и далеку понеквалитетни. Шамотните опеки на печките беа од “Силика” – Гостивар. Во истите имаше многу кварцни зрна, кои не можеа да бидат стопени ги затнуваа решетките. Стаклените влакна беа алкални. Самите решетки беа челични и понеквалитетни од увозните. Тоа допринесуваше да “векот” на печките биде краток, обично од 15-20 дена.

И на сушарата репроматеријалите беа заменети со домашни. Стаклената без-алкална мрежа беше лепена, а не ткаена. Ист случај беше и со оксидо-редукционите зелена и жолта боја, кои се нанесуваа на два типа филтер ролни.

Ваквите неквалитетни репроматеријали и земањето плата по учинок(норма), директно доведоа да се вратат 8 вагони филтер ролни. Тоа беше повеќе од полугодишно производство. Во наредните години се испраќаа месечно по 2 вагони, а се фактурираше само еден.

Преценетата вредност на динарот, двоцифрената инфлација, која не беше јавно призната, доведоа до нашиот “изум,” наречен “штицунг”. Имено, претпријатијата кои имаа девизи, вршеа увоз за претпријатија чии производи се продаваа на домашниот пазар, а во производниот процес користеа увозни репроматеријали.

Ваквата, официјално недозволена зделка, инаку широко применувана, беше “дебело” наплаќана. Најголемата југословенска глупост, наречена “договорна економија” го овозможуваше тоа. Пазарната економија, како капиталистички изум беше отфрлена.

На тој начин преживуваа многу претпријатија, меѓу кои и нашата фабрика.

Југовитропан; Фото: Љ.Чучуковски

“ПОДЕМОТ” И ПАДОТ НА “ЈУГОВИТРОПАН” – ДЕЛЧЕВО ( 4)

Годините од 1981 до 1985 беа неповолни за фабриката. Инфлацијата на годишно ниво беше над 20%, но курсот на марката беше нереален. Извозот полека се намалуваше, за да кон средината на 1984 дефинитивно престане.

Во Септември 1981 почина Лука Бекер, човек на “Делбаг” кој беше “гарант” за квалитетот на филтерот. Имаше свој факсимил печат, кој се ставаше на секоја ролна и претставуваше доказ дека е извршена контрола. Ретко доаѓаше во фабриката, а уште поретко слегуваше во погонот. Печатот беше кај мене. Месечните порачки пристигнуваа по телепринтер. Бевме радосни кога истиот ке се вклучеше на кој прво пишуваше “Гутентаг фрау Зорка”, по кое следуваше детален опис на тип и количина на ролни што треба да се испратат со вагон за Дортмунд.

Во 1984 година почина и Јоханес Ригер, човекот преку кој одеа нарачките. Работата ја напушти и Зорка Христова, професор по вокација, во фабриката беше коресподент и референт за извоз. Мојата маленкост имаше високо мислење за нејзината работа и карактер.

Поради самоуправната негативна кадровска селекција, беше во немилост кај неприкосновениот директор. Повеќе од половина година произведувавме филтер за непознат купец, односно за во магацин. Тоа беше катастрофален потег. Според директорот не смеевме да застанеме со производство, ќе беше тоа политички удар за него. Неколкумина го убедувавме дека тоа не води никаде, за на крај во Јануари 1985, по десетгодишно непрекинато работење, машините запреа. “Мечката” дојде и во нашиот двор…
( Продолжува)

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*