Пчеларите од Македонска Каменица го славеа заштитникот „Св.Харалампиј“

Со црковен благослов од свештенството при црквата „Успение на Пресвета Богородица“, пчеларите од Македонска Каменица и нивни гости од Делчево и околните градови, денес го славеа својот заштитник „Св.Харалампиј“. Настанот кој прераснува во традиција го организираше каменичкото здружение „Еко Кам Мед“. кое по обичај додели медоносни растенија за пчеларите. Годината која измина била успешна, рече претседателот на здружението Боге Јанковски, кој посакувајки им медоносна 2022 година на пчеларите, посочи дека здружението ќе продолжи да ги снабдува со стручна литература и медоносни садници.

-За оваа година благодарение на Општината и Советот исто така ќе биде поделена литература за зголемување на знаењето на пчеларите. Благодарение на општината, како и Рудник Саса и директорот Ивица Талевски, со 2000 садници и годинава ќе бидат збогатени корените со бадем и питом костен. Денес секој ќе добие корени од овие медоносни дрвја, а останатите ќе ги посадиме во текот на неделава околу речното корито на Каменичка река, рече Јанковски.

Пчеларот Миле Малчовски од М.Каменица е задоволен од годината, која измина. Тој одгледува 50 пчелни семејства на местото викано Рашките кај село Луковица, со вкупен годишен приход од 7 до 10 килограми произведен мед од едно пчелно семејство. Како најголем проблем изминатата година Малчовски ја посочи појавата на „црн“ мед кој правел штета бидејки пчелите не се развивале правилно.

Меѓу присутните пчелари беше и Славе Митевски кој на неодамнешниот натпревар во Тетово за својот мед и пчелни производи ја освоил првата награда во конкуренција на пчелари од 21 држава.

-Од пред неколку години сум пчелар, произведувам за себе и за другите, а освен мед произведувам и други пчелни производи како прополис и сл. Пчелите ми се стационирани во село Дулица на свое земјиште, имам 30 тина пчелни семејства. Изминатата година беше „и вака и така“, почетокот беше многу слаб, а потоа годината беше задоволителна. Задоволен сум од работатата на здружението, кое не снадбува со литература и садници, исто така одиме на семинари. Посакувам среќен празник на сите, медоносна година и поволно време да можат да работат и „тие“ и ние, рече Митевски.

Младен Николовски кој е еден од поискусните пчелари во регионот, вели дека каменичкото здружение е едно од ретките што се организираат на ваков начин. 

-Сите имаат светци, а ние го имаме Харалампие, источниот дел си го слави овој празник. Ми се чини дека само една црква има под ова име во овој крај. Гледам и соседиве преку границата исто го чествуваат овој празник, само кај нив е на повисоко ниво, вели Николовски.

Според неговите кажувања, во М.Каменица моментално со пчеларство се занимаваат над 100 пчелари, кои како што вели во последно време ги користат благодетите на интернетот за подобра промоција на каменичкиот мед, а воедно и полесен пласман на интернет пазарот. Николовски се осврна и на најчестото прашање, а тоа е дали може да се „живее“ од пчеларство.

-Радува што има помлада популација која во овие услови што се сега за живеење се наоѓаат овде. Нашиот мед доста е баран, бидејки самата околина ни го нуди тоа и штета е да не го искористиме. Електрониката ги нуди сите можности за пласман на производите, тоа е еден вид реклама за нашиот бренд, со што рекламираме и крајот и домашниот производ. Во однос на најзастапеното прашање дали може да се живее од пчеларство, тука пред се голема улога игра знаењето на пчеларите, обуката која ја примаат и самата вештина. Моја препорака е да се почне со 3 до 5 сандака и да се види како е состојбата здравствената состојба, дали може да се работи со пчели. Ако некои параметри кажуваат дека е опасно не мора и да се бави со тоа. Тоа е работа која бара доста наука и поддршка од семејството. Овде кај нас сите фамилии се ангажирани, рече Николовски кој годинава најмногу стравува од зазимената храна за пчелите која според него не е квалитетна и може да создаде проблеми по пчелните семејства.

Дека пчеларите се повеќе го користат современиот на.чин на продажба преку интернет (фејсбук и другите апликации), дециден е и претседателот на здружението, кој апелираше пчеларите поради добра продажба, се повеќе да го користат овој начин на пласман. Во однос на информираноста на пчеларите околу нивните знаења за користење на ИПАРД мерките, Јанковски вели дека пчеларите генерално ги знаат информациите, но според него потребна е поголема подготовка за навремено аплицирање по однос на самите програми.

-Мислам дека во последно време министерството ги информира пчеларите за промените околу нивните права, како субвенции, апликации за ИПАРД и друга поддршка и повици кои ги има АФПЗРР, иако мислам може да се зголеми тоа информирање, во смисла да се направи некој тим кој многу поблсику ќе ги информира пчеларите за критериумите многу порано пред да излезат овие повици, со цел да бидат подготвени, додаде Јанковски.

На денешниот настан присуствуваа и претставник на Рудник Саса, гости и градоначалникот Димчо Атанасовски кој вети дека соработката на Општината и здружението „Еко Кам Мед“ ќе продолжи и во наредниот период.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*