Пишува: Крум Николовски
“ПОДЕМОТ” И ПАДОТ НА “ЈУГОВИТРОПАН” – ДЕЛЧЕВО (6)
МОЕТО 6 – МЕСЕЧНО В.Д. ДИРЕКТОРУВАЊЕ
Беше тоа моја полгодишна голгота, на која не сакам да се навраќам. Со тешка мака директорот Тоде замина во пензија. Веднаш потоа сите го заборавија, а целиот свој работен век беше директор. Таков е животот. Знаејќи ја состојбата со продажбата на филтерот на домашниот пазар, не губев време, па се зафатив со макотрпна работа, за да можеме да воведеме други производи.
Но не идеше тоа така лесно. Машините и опремата што ја имаше фабриката не можеа да се “адаптираат” за други производи. Имавме огромни количини на готови производи и од нивната продажба исплаќав ме плати и придонеси. Но не остануваа пари за ново производство, а тоа значеше дека за 3-4 години ке ги “изедеме” залихите.
Надежта ја гледав во” Технометал-вардар” – хемиска групација, каде што бевме членка. За кратко сватив дека таму има луѓе кои воопшто не ги интересираат проблемите на фирмите. Беа заинтересирани само за провизиите како посредници при извозот.
Често се наоѓав во комични ситуации. На еден состанок, кажувајќи дека германската фирма престана да ги купува нашите производи, едно старче ми вели: “како може да не купуваат? Му одговорив дека пробавме се’, ни остана само да ги заплашиме пак со нова НОБ.
Направив (со помош на мои познати инженери од” Хемтекс”) програма за производство на флиз вата, наменета за индустријата за опрема за спиење. Како втора фаза и синтетички филтери. Инвестицијата во опремата чинеше околу 1 милион марки. Кога се обидов да најдам начин за кредитирање, прво што ме прашуваа колку луѓе ке бидат вработени? Кога им реков дека ке бидат ангажирани околу 25 до 30 од нашите 55 кои немаат работа, добив одговор дека за тие пари треба да се вработат најмалку 150 луѓе! Со сопствени средства, директорот на “Винка” од Виница-Мирко Пецов ја купи и инсталираше опремата.
Времето од 6 месеци брзо помина. Распишав конкурс за директор. Од вработените во фабриката, условите ги исполнував само јас, но не поднесов молба, знаејќи дека не можам да ја водам фабриката. На конкурсот се јави само Здравко Мирчевски, тогаш вработен во СО – Делчево. Бидејќи немаше други кандидати, го повикав и му ја кажав состојбата со фабриката. Од него барав да каже каде го гледа излезот. Стана, излезе од канцеларијата и повеќе не се врати. Слушнав дека барал од претседателот на ИС на Со-Делчево гаранција пак да може да се врати назад. Веројатно имал желба да биде некое време директор.
Дваесет и четири години покасно ми беше секретар во Општината. Не можеше да ме смисли, оти тогаш јавно го објавив неговиот антологиски просек од 6,00 на економскиот факултет.
(Продолжува)
Leave a Reply