Сеќавања на Киро Селнички за развојот на земјоделието во минатото во Делчево

Објава на ЈЛБ ,,Илинден”

Сеќавања на Киро Селнички за развојот на земјоделието во Делчево

„Земјоделието пред 50 и повеќе години во нашата општина се карактеризира со интензивна обработка,со примитивни средства за работа, со употреба на дрвено рало,српот за жетва,коњот, волот па и магарето во вршидба, дрвена кола литарка и интензивно користење на човечкиот труд од најмалите деца до старите, а сето тоа за земјоделско производство со кое едвај се преживува.

Во обработката на зејмата ,волот беше глава влечна сила за орање и превоз. Дрвеното рало основно средство за обработка на земјата, плугот реткост, кој се појавува пред Првата светска војна и тоа повеќе добиен како подарок од државата на добри земјоделци кои со обработка на земјата со плуг , требало да покажат личен пример на другите земјоделци во квалитетна обработка на земјата и постигнување на повисоки приноси.

За превоз на производството се користела дрвена кола наречена литарка.Колата на 4 тркала беше реткост.Сите тркала беа дрвени и оските беа дрвени па затоа и често се кршеа.Семенскиот материјал беше таков каков се родил претходната година, неселекциониран,нечист, загаден со гламни,ниско приносен и сл.Со вакво семе не можеше ни да се очекува голем принос.За минералните вештачки губрива не се ни знаело, а камоли да се употребувале.Не се ни произведувани.Добра страна кај нашиот земјоделец беше што многу го ценеше сточното –арско ѓубре.Жетвите се вршеа со срп, а вршидба со коњ, волови или магаре.Макотрпно беше собирањето на сортните жита.Земјоделското семејство беше изнемоштувано до крајни можности.

Во сточарството се одгледуваа најпримитивните раси на добиток со ниско производствени својства.Кравата се чуваше за да на земјоделецот му исчува волови за орање а не за млеко, бидејки нашата крава наречена Буша е со мала млечност.Во сточарството е застапена најнепродуктивната овца Праменка т.е.Каракачанка, која дава малку волна, мала млечност и малку месо.Во коњарството е застапен нашиот брдски коњ наречен Босанско брдски, со мала работоспособност.

Здравствената заштина на земјоделците била скоро никаква.Честите болести посебно маларијата(треската), како и туберкулозата но и други, биле причина семејставата од 5 или 6 членови да остана на еден и двајца членови.Често нашето земјоделско население и гладувало.Повеќето од нив немале ни доволно земја за обработка.Голем дел од нив немаа ѕегвари да ја обработуваат земјата.Голем дел од нив чуваа по еден вол, па се здружуваа еден со друг и така правеа заеднички ѕегвар и најизменично работеа со него.

Земјоделското население немаше скоро никакво образование. Првите новини што се внесуваат во земјоделието во нашата општина е после 1927 година со формирање на овошниот Расадник во тогашното Царево село.Тој расадник имал за задача во прв план да произведува овошни садници, посебно сина слива наречена Малешевка, да произведува поквалитетни јаболки во тоа време Будимка, Колачарка,Циганка и др.

Производство на калемени лозови садници на амерички подлоги бидејќи се јавува филоксерата на коренот на нашата европска лоза па лозовите насади почнале нагло да пропаѓаат.
За унапредување на сточниот фонд се чувани бикови во Расадникот од расата монтафонка, а и крави кои давале повеќе млеко.Се чувале и нерези и расови кокошки.

Постоела и домаќинска школа за обучување на младинки за кроење, шиење и готвење, а повремено се држани и курсеви за калемење.Со Расадникот раководеше Војо Брашиќ кој бил со средно образование но многу способен човек со голема работна амбиција.Тоа се карактеристиките на нашето земјоделство до пред Втораа светска војна, во тој период не пстоела никаква механизација.

Првите трактори се јавуваат некаде околу педесеттите години а за време на СРЗ од 1948-1953 се направија напори да се внесат трактори Задругар на тркала и Ансалдо на гасеници.Но со распаѓањето на СРЗ се продадени и тракторите.Иако беше внесена една минимална механизација таа не ги даде очекуваните резултати поради брзото расформирање на задругите, а од друга страна немањето стручен кадар за нејзина употреба.

Сточарската станица „Петрашевец“ имаше задача да го унапреди сточниот фонд во тогашната Царевоселска околија, каде постоеше и свињогојство. И јато од племенети кокошки Ленгхорн.Сточарската станица подоцна прераснува во земјоделско стопанство „Сандански“.

Првиот комбајн „Змај“ е купен во 1963 година, но тогашните агрономи тврделе на почетокот дека комбањот не може да работи на нашите ниви.Сепак почнал да се користи.Комбањот прво почнал да жнее во Милково Брдо, на таканареченитеСпаиските Валози над Габровскиот пат.Новиот комбајн и добро обучениот Станко Велиновски од Петрашевец одлично го жнееја и балираа сламата.Цело Делчево беше на габровскиот пат и коментираа колку е добра таа машина, колку работници заменува и колку ја олеснува работата на земјделецот.

Да споменеме и тоа дека во првите години по завршувањето на војната се формира служба наречена Фонд за механизација кој требаше да се грижи за механизацијата и унапредувањето на земјоделството.Подоцна се формира и „Деловен сојуз“ кој одигра голема улога во откуп на живата стока.За прв пат внесовме и италијански сорти на пченица кои се одликуваа со високи приноси.Но бидејки не беа познати нашите земјоделци не ги прифаќаа со изговот „кај нас тоа нема да фирее“.Сеидбата со новите високородни пченици започна дури во 1958/9 година.“

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*