Општина Делчево воведе нова такса за одржување на паркови и зеленило

Општина Делчево воведе нова такса за одржување на паркови и зеленило. Одлуката беше донесена на 6-тата седница на Совет на Општина Делчево на која беше усвоен предлогот на Јавното комунално претпријатие „Брегалница“ за воведување на нова такса за одржување на паркови и јавно зеленило во износ од 40 денари и покачување на надоместокот за услугата одржување на градските гробишта во износ од 50 денари месечно. Одлуката доби поддршка од мнозинството советници од СДСМ,  а пред гласањето за истата, советниците од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата ја напуштија Седницата, посочувајки дека поради актуелната состојба не е моментот граѓаните да бидат оптоварени со нови такси.

Против усвојувањето на оваа предлог одлука гласаше советничката на Левица, Сања Николовска.

-Земајќи го во предвид покачувањето на трошоците за живот на граѓаните, меѓу кои спаѓаат цената на електричната енергија, цената на основните прехранбени производи, услугите од други субјекти (угостителски објекти, такси компании итн.), како и релативно високата стапка на невработеност и сиромаштија во Општина Делчево, јас ќе гласам против оваа одлука, рече Николовска.

Според директорот на ЈКП Брегалница, Стојче Стојковски воведувањето на овој трошок на граѓаните е единствена алтернатива за да може претпријатието да функционира нормално и без загуби, напоменувајки дека висината на надоместокот ќе изнесува 40,00 денари и е износ кој компаративно со другите општини е најнизок во државата за таа услуга. 

Во дел од дискусиите на Советничката група на СДСМ и градоначалникот Горан Трајковски беше напоменато дека воведувањето на овој надоместок на физичките и правните лица, како крајни корисници, е врз основа на законските решенија предвидени во Законот за комунални дејности и Законот за урбано зеленило. Во однос на надоместокот управување и одржување на градските гробишта во Општина Делчево согласно со која се утврдува месечен износ од 50 денари или 600 денари на годишно ниво за управување и одржување на градските гробишта, додадоа дека исто така станува збор за износ кој компаративно со другите општини е најнизок во државата. 

-Висината на оваа давачка во Делчево не е променета од 2011 година, кога е дефиниран и досегашниот износ што го плаќаа граѓаните од 20 денари месечно. Согласно со образложението дадено и на Комисијата за комунални работи и сообраќај и на денешната Седница на Советот, последниве 11 години повеќекратно се зголемени трошоците за одржување на градските гробишта, па неопходно е покачување на висината на овој надоместок, кажаа од Советничката група на СДСМ.

Претходно на седницата беше усвоена и програмата за работа на Советот на Општина Делчево за 2022 година,  програмата за превенција на детско престапништво, одлуката за  утврдување на вредноста на бодот за пресметување на платите на  административните службеници, давателите на јавни услуги, директорот и помошно-техничките лица вработени во ОЈУДГ „Весели Цветови“-Делчево, одлуката за приоритетен проект: „Набавка и поставување на лед диодни светилки  во општина Делчево во рамки на грантот од  Проектот за подобрување на општинските услуги“ финансирани со заем од Меѓународната банка за обнова и развој (Светска банка), како и полугодишните извештаи за учебната 2021/22 на гимназијата „М.М.Брицо“ и деветолетките „Ванчо Прке“ и „Св.Климент Охридски“.

Седницата на Совет на Општина Делчево може да ја погледнете во продолжение:

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*