Хуманитарна акција за помош на збратимените украински општини Тернопил и Вишгород

Општина Делчево започна голема хуманитарна акција за помош на граѓаните на збратимените градови во Украина. За таа цел, по  одржаниот состанок со претставници од Јавната здравствена установа Здравствен дом „Гоце Делчев“, Советот на млади, Општинската организација на Црвен крст Делчево, како и претставници на Општина Делчево е дефинирано да се отвори мобилен пункт во Спомен-дом АСНОМ, каде ќе се собираат донациите. 

-По собирањето на помошта, таа ќе биде транспортирана до Амбасадата на Украина во Скопје од каде информираат дека сите донации кои се собираат ќе бидат доставени до пунктови во западните делови на Украина.  

Акцијата е следствена реакција на актуелната воена состојба во Украина и страдањето на граѓаните на оваа земја од воените дејства, но и одговор на апелот испратен до Општина Делчево од пријателската Општина Тернопил од Украина, со кој се бара поддршка во облека, храна, бебешка облека, пелени, како и медицинска опрема и лекови, подвижни кревети, носилки, генератори, пумпи и слично.

Во таа насока делчевскиот градоначалник Горан Трајковски упати писмо со поддршка до збратимените општини Тернопил и Вишгород во кое изразува загриженост за актуелната состојба во Украина и губењето човечки животи и ја потенцира подготвеноста на Делчево да помогне на граѓаните на збратимените општини.

-Како одговорна општина и граѓани и фирми кои многу пати ја покажале својата хуманост, не можеме да останеме неми на барањето помош. Човечки е да се помогне на пријатели кои се зафатени од воени дeјства, кои губат домови, каде секојдневно се бројат жртви, рече Трајковски.

Пунктот за собирање хуманитарна помош ќе биде отворен секој ден до недела во терминот од 10 до 16 часот.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*