
Објава на ЈЛБ ,,Илинден”:
С Е Ќ А В А Њ А
На Будимир Димитровски и Панчо Витанов од с.Габрово за НОВ во селото од 1941-1945 година. Сеќавањето го дале на 19 август 1979 година во село Габрово.
Во времето на бугарската окупација, бугарските власти вршеле реквизиција, и им земаа на селаните жито, волна, месо и друго и колку имаа и колку немаа. Особено страдаа послабите, што немаше кој да ги заштити. За цело време на бугарската окупација, кмет во нашето село беше Ѓорѓи Тасев од Делчево. Народот беше незадоволен, но немаше што да прави.
Некое организирано движење против бугарската окупација во времето од 1941 до 1944 година во нашето село немаше.
Во 1943 и 1944 година, во Златанската маала од нашето село, почесто навраќаа партизаните од Пиринска Македонија и нашето население од тоа маало имаше храна, облека и сл. Бугарската полиција беше разбрала за тие посети и го тепаше населението, бараше да признае за посетите, но тие не признаваа ништо.
Во нашето село во тоа време најголем број од населението беше муслиманско и бугарските власти имаа посебно лош однос кон нив. Во 1943, 1944 г. во селото се слушаше за партизански движења кај населението, но тоа немаше можност директно да се вклучи во тоа движење. Имаше големи симпатии однаселението према НОД и омраза према бугарската окупација.
По капитулацијата на Бугарија по 9 септември 1944 г. во селото дојдоа првите активисти на новата власт. Некаде околу 15 септември 1944 г. се формира првиот народно-ослободителен одбор, во кој за претседател беше избран Абдул Ќеманов, а за членови Амдија Големинов, Алија Афазов, Смаил Арев и др.

Во тие месеци се формирани и Народниот фронт, младинската организација АФЖ. Партиска ќелија е формирана во првите месеци на 1945 г. По се изгледа прв секретар на партиската ќелија беше Усо Пантевски. Во селото тогаш имаше само неколку христијански куќи и тие живееја во планините. Па затоа и во тие раководства најголем број беа муслимани кои сега живеат во Турција.
Народно-ослободителниот одбор вршеше мобилизација на војска, собираше храна и облека за единиците на Народноослободителната војска, држеше ред во селото и сл.
Позадинската милиција која имаше за задача да ги спроведува задачите на народната власт и да го гони контрабанот, односно незадоволното пренесување и препродавање од Бугарија тука, на сол, газје и слично. Беше наоружана и во неа од селото беа Мемедалија Сулиманов, Емруш Ипчовски, Алија Кацарски, Ибраим Вчков и други.
Народот со задоволство ја помагаше новата власт.
Во 1945 г. во селото 6 месеци престојуваше една цела единица на народно-ослободителната војска на Југославија. Целото село го помагаше тој престој. Ванѓа Димитрова без никаква надокнада ги переше војниците. Таа ги переше со свински сапун, а булите не переа и не фаќаа таков сапун.
Во првите месеци на 1945 година, па и после, нормално фуккционираа сите политички организации во селото.
Leave a Reply