ЖКК ,,Патриот” со убедлива победа над ЖКК ,,Гостивар”

Во натпревар од Првата Б кошаркарска лига на Македонија, женскиот кошаркарски клуб ,,Патриот” од Делчево со резултат 68:52 денес забележа убедлива победа над екипата на ЖКК ,,Гостивар”. 

Победата како што истакна Љупчо Петровски тренерот на домашната екипа, е резултат на константно добрата игра во текот на целиот натпревар.

-Задоволен сум од денешниот натпревар, бидејки го остваривме тоа што го зацртавме. Одигравме максимално концентирано како во нападот, така и во одбраната, што на крај се гледа и во самиот резултат, рече Петровски.

Најефикасни во домашната екипа на денешниот натпревар беа Ина Рашова со 19, Александра Петрушевска со 16 и Елена Ангеловска со15 кошеви.

Денешната победа на екипата и донесе загарантирано 3 место во Првата ,,Б” лига, а до крај на сезоната преостануваат уште два натпревари, кои доколку ги добијат, како што додаде Петровски можат да значат многу подобар пласман.

-Шансите за враќање во најелитното натпреварување во женска конкуренција се тука. Во следниот натпревар играме во Куманово, да го добиеме тој натпревар, па ќе размислуваме за понатамошниот бараж, додаде Петровски.

Доколку победат во Куманово, делчевки потоа ќе го одиграат клучниот натпревар на домашен терен со екипата на Гризли, при што за посакуваниот епилог ќе биде потребна двоцифрена разлика.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*