
Објава на ЈЛБ ,,Илинден”
С Е Ќ А В А Њ Е
На Начев Атанасов Воин од село Ѕвегор, за помошта на пиринските партизани во 1943 г.во нивното маало во планината Луко Врх. Сеќавањето го дал во с.Ѕвегор на 20 ноември 1979 година.
Од нашето село порано 7 куќи живеевме во планината Луко Врх на границата према Бугарија.Неколку дена пред празникот Никулден, декември 1943 г. во нашето маало дојдоа 9 души партизани од Пиринска Македонија, помеѓу кои имаше и една жена. Се задржаа 3 дена во нашето маало, а потоа за десетина дена навраќаа уште три пати.
Партизаните од нас бараа брашно, кое ни го наплатија по 12 лева за килограм. Ние од маалото им собравме 300 кила брашно. Им дадовме и чорапи, а мојата жена и ги опра алиштата на партизанката.

Кога си тргнаа нивниот старешина Арсен Пандурски, кој беше роден во село Бучин, Пиринска Македонија не собра сите од маалато и ни зборуваше дека тие не се како некогашните комити, туку се што ќе им се даде ќе го платат. Дека тие се борат за слободата, за поарен живот. Дека треба да причекаме до пролетта и ќе се увериме дека таа власт ќе се смени. Ни рече да не кажуваме на никого дека тие доаѓале кај нас. Си заминаа со три коњи од маалото на кои го качија брашното.
По неколку денови коњите се вратија сами. Блажо Мијалов од нашето маало бил на слава на св.Никола кај неговиот шура во село Ваклинци во Бугарија и му се пофалил на шурата во поднапиена состојба, дека во нашето маало доаѓале партизани. Шура му веднаш ја запознал полицијата. Бидејки ние го дадовме сето брашно на партизаните а идеше зима, отидовме тројца, меѓу нас беше и Блажо Мијалов на воденица во село Црварица.

Враќајки се, на патот не дочека бугарска полиција и веднаш бараа да кажеме дека во маалото доаѓале шумкари. Бидејки сите одбивме да признаеме, тие не тепаа. Кога стигнавме дома разбравме дека мојот измиќар и и некои други, кога ги сардисале и тепале , кажале дека имало партизани. Веднаш не затворија и не испитуваа долго.
Покасно разбравме дека тие партизани направиле букнер во село Лаштан, зад границата поточно зад нашето село Вирче. Во зимата 1944 година, прво ги опколила полицијата во бункерот, но тие успеале да побегнат. Но потоа кога една вечер, ноќевале во една плевна на тетка и на партизанката, нејзиниот син кој се вратил од војска, без да и каже на мајка си, ги пријавил во полиција и веднаш биле убиени. Тоа беше некаде во март во селото Лисија.

Leave a Reply