Благодарност од градоначалникот на Тернопил за помошта од делчевчани за украинското население

Општина Делчево доби благодарница од збратимената украинска Општина Тернопил за хуманитарната помош која беше собрана во рамки на акцијата за помош на украинското население. По тој повод, градоначалникот на Тернопил, Сергиј Надал, испрати писмо-благодарница до граѓаните на Делчево во кое меѓу другото како што информираа од Општината се потенцира дека хуманитарната помош е голем придонес кон приближување на мирот.

-Дозволете ми искрено да Ви се заблагодарам Вам, на вработените во градското собрание, на жителите на градот Делчево, за обезбедената хуманитарна помош за лицата од зоните на воени дејствија со руските окупаторски трупи. Вашата заедничка работа со Амбасадата на Украина во Република Северна Македонија, поточно со г-динот Роман Буга, беше завршена на 19.03.2022 година, кога Вашиот товар од 5 тона пристигна во Тернопил. Наведенaта хуманитарна помош е голем придонес кон приближување на мирот. Се надевам на средба со Вас по завршувањето на војната“, се вели во писмото со благодарност од градоначалникот на Тернопил.

Во рамките на акцијата која Општина Делчево ја организираше во партнерство со ОО на Црвениот крст-Делчево и Советот на млади за неколку дена хуманите граѓани, фирми и институции донираа хуманитарна помош со тежина од околу 5 тони, која со поддршка на Амбасадата на Украина во Скопје беше дистрибуирана до Тернопил.

Во знак на благодарност, Општина Делчево додели благодарници на сите учесници во хуманитарната акција за нивната солидарност и поддршка на граѓаните кои се соочуваат со хуманитарна криза во Украина.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*