Сеќавање на Панчо Малчов за Народно ослободителното движење од 1941

Објава на ЈЛБ ,,Илинден” Делчево

С Е Ќ А В А Њ Е на Панчо Малчов за НОД од 1941 до 1945 година во село Очипала. Сеќавањето е дадено на 30 август 1979 г. во село габрово.

За време на бугарската окупација нашето село Очипала беше заедно со селото Киселица. Кметски намесник и за двете села беше Ѓорѓи Симев од Делчево кој се однесуваше лошо кон населението. Ги прифаќаше поткажувањата на некои нивни привразаници и ги пренесуваше до општинските власти кои потоа ги мачеа селаните. Како што е познато за време на окупацијата бугарските власти отпочнаа да ја градат пругата Кочани-Џумајата која поминуваше и преку нашата општина.

Бидејки нашето село беше најблиску до бараките каде што беа сместени работниците кои работеа на изградба на тунелите на пругата покрај Брегалница, ме земаа и мене на работа. Се сеќавам дека на тунелите работеа околу дваесетина души од Радомир, Бугарија, кои отворено збируваа против тогашните власти, а говореа и дека на власт ќе дојде Ѓорѓи Димитров, зборуваа за Славчо Трнски и др. Дури и од раководството имаше луѓе кои беа против тогашната бугарска власт.

Во 1943 година од тука дигнаа околу 15 души кои беа дојдени од Радомир и ги затворија во Бугарија. По повлекувањето на Бугарите после 9 септември 1944 г.нашето село го запоседнаа германците. Тие се утврдија во тунелите, односно во тунелите им беа магацините, а во нашите куќи им беше кујната. Еднаш кога отидов со стоката покрај Брегалница, Германците ме фатија и ме натераа да им лупам компири. Откако ја завршив работата, ме затворија во еден тунел. Се исплашив дека ќе ме убијат, а во темнината, покасно, едвај успеав да побегнам. Во тоа време покрај границата почнаа да се движат војските на фронтовска Бугарија, и тие требаше да се борат против Германците.

Еден ден, одејки во извидница, во нашата куќа луѓе во цивилки и тука се најдоа со германците. Бидејки тоа беа непознати луѓе за германците кои беа отседнале во нашата куќа, ние објаснивме дека тоа се браќа на татко ми кои дошле по некоја работа, односно да однесат 2 качиња. И навистина, откако извидувачите си ја завршија работата им дадовме 2 качиња да ги однесат во соседната маала, за да не се посомнева никој.

Откако бугарските војски се приближија кон нашето маало, јас избегав и им кажав каде се германските утврдувања. Тоа го слушна и еден цивил кој беше заедно со бугарските војници. Мене поручникот не ме послуша и набргу германците отворија голем оган и загинаа десетина бугарски војници. Откако помина се цивилот го викна поручникот му се караше и го разоружа. Околу 8 и 9 септември се формира првиот народно-ослободителен одбор во Очипала. Прв председател беше Стојан Иванов од Очипала. Во одборот беа и Митко Димитровски и Мите Лисичаро и др.Народен фронт се формира во почетокот на 1945 г.но кои беа во раководството , не се сеќавам. Се формира и СКОЈ во кој секретар беше Ќиро Васев. Првата партиска ќелија за селата Киселица, Ветрен и Селник се формира во април 1945 г.

На 2 април 1945 година со формирањето на ќелијата во трите села, јас бев поставен за секретар на партиската ќелија. Членови беа Јордан Малчов, Итко Николов, Ѓорги Сланчов, Ефрем Иванов. По враќањето од војска , во нашата ќелија се приклучи и Димитрија Букарски од Селник, Тоде Илиев од Ветрен и др.

Нашата ќелија разви широка активност.Јас бев секретар до 1947 г. кога отидов на работа во Делчево. Покасно се одделија партиските организации за секое од трите села. Напред пропушив да кажам дека една вечер, бугарските војници кај Студена чешма на насипот на пругата, налетаа на германска заседа, при што загинаа повеќе бугарски војници. Кога Германците беа во тунелот, ги доведоа и ги застрелаа Стојан и татко му Алексо Георгиев од с.Полето.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*