
Рудникот САСА продолжува со реализацијата на долгорочниот проект за пошумување. Во најновата акција што се спроведе на почетокот на овој месец засадени се нови 5000 садници од автохтони видови дрва на површинаод два хектарa во околината на рудникот.
Програмата за планското пошумување како што истакна директорот за одржлив развој на САСА, Ивица Талевски е еден од долгорочните проекти за заштита на животната средина, во чија реализација САСА продолжува да вложува преку активности, кои покрај рекултивација на поранешните јаловишта, се насочени и кон пошумување на околните предели, како и обнова и збогатување на постојниот шумски фонд.

-На ваков начин, покрај за пејсажното уредување, се придонесува и за заштита на земјиштето од ерозија и се намалуваат ризиците од појава на одрони кои се чести во овие краеви. Воедно, натамошното зголемување на шумскиот фонд придонесува и за одржување на високиот квалитет на воздухот кој е карактеристика на овој предел, како и за ублажување на последиците од климатските промени што има големо значење за одржливиот развој на заедницата и е наша долгорочна цел, истакна Талевски.

Оваа акција како што додадоа од рудник САСА беше реализирана во соработка со Јавното претпријатие „Национални шуми“ и Јавното претпријатие „Камена река“ од Македонска Каменица
Ангажманот и вложувањата на САСА во овој домен, како што напоменаа ќе продолжи и во иднина преку реализација на сопствени акции за пошумување, како и со учество во заеднички проекти со институции и организации од локалната заедница.

Leave a Reply