
Објава на ЈЛБ ,,Илинден”:
С Е Ќ А В Њ Е
На Борис Петковски од Нов Истевник за НОД во Нов Истевник од 1941 до 1945 година. Сеќавањето го дал на 20 јули 1979 г. во Нов Истевник.
Од 1941 година кога дојде бугарската окупација во селото беа кметови луѓе од селото и тоа Ефтим Бориша,Атанас Дончев и Ристо Шарков. Иако беше лоша бугарската валст, населението не виде ништо лошо од кметовите. Во времето од 1941 до 1944 година во селото немаше партиска ни скоевска организација, ниту јас знам дека доаѓал некој активист на НОД.
За партизанското движење ние слушнавме нешто поконкретно во фебруари 1944 г. кога партизанските единици поминаа и водеа борба кај Пеклани и Лаки, виничко. Уште појасна стана работата во мај кога партизаните поминаа низ Разловци и кога водеа борби на Обозна. Од тоа време веќе отворено народот почна да дава поддршка на НОД.
На 6 септември 1944 г.во нашето село дојде активист Димчо кој е родум од Кратово и формиравме месен народно-ослободителен одбор во кој за секретар бев избран јас,Борис Петковски, за претседател Никола Цеков, а за членови Атанас Дончов,Петар Аралампиев и Никола Џабирски.Одборот доби задача да мобилизира војници за НОБ,да собира храна и облека за партизаните. Бидејки близу до нашето село се наоѓаше главнината на партизанската единица, од нашиот одбор се тражеше голема помош.Кога се формира одборот излегоа и првите доброволци во партизани од нашето село.

Првата партиска келија ја оформи Мицко Димевски од Прилеп и во неа влеговме за секретар јас,а членови беа Никола Ников и Димитар Ников и покасно се проширувавме.Кога формиравме партиска организација и не примја за партијци, јас реков дека не ми е многу јасна работата и задачите на партијата но ќе работам колку можам.Во нашето село немаше учени луѓе.
Во тие денови се формираше и народниот фронт во кои претседател беше Никола Николов.Членови во одборот беа Јордан Манов, Димитар Иванов и др.Соевска, младинска и АФЖ се формираше покасно некаде во 1945 година.
При повлекувањето на германците од Берово, на 14 октомври минаа низ нашето село.На тој ден , едни наши селани оплачкаа еден германски камион на реката Желевица на Гилева чука.Од него земаа воена опрема, гуми и сл.Приквечерината група партизани од нашето село, на Ѓурковец ги нападнаа германците при што загинаа и партизани и германци. Наредниот ден на 15 октомври, германците го запалија нашето село.Ја запалија Курачка маала и убија 9 луѓе.

Од тоа маало и 2 од Балабанска маала.Изгореа 30 куќи.Ако не побегневме, ке не убиеја сите до еден.Следните денови, германците го запоседнаа Тработивиште.Па потоа во борбите со партизаните и командата на местото се повлекоа према Голак а другиот дел од десната страна на Брегалница.
По формирањето на првиот народно-ослободителен одбор и на политичките организации во селото,народот од селото, со се што можеше ја помагаше народната власт и движењето.Тој народ созна дека тоа е негова власт и дека нема повеќе други да ја управуваат и угнетуваа па затоа и толку агилно работеше.
По 1945 г. јас бев делегат на Првиот конгрес на Народниот фронт на Македонија како претставник на земјоделците кои се одржа во јануари во Скопје. Таму се расправаше за важни работи од понатамошиот живот на нашата земја и република.
Leave a Reply