Биковски: Институциите мавремено да реагираат при финансиска измама на лицата со попреченост

Продолжува сагата со Денис Фејзулов, лице со попреченост од Делчево, кое поради измама има обврска да отплаќа средства за кредит во висина од 3000 евра. Поради ниските примања на Денис, најзасегнат од проблемот е неговиот татко Невзат Фејзулов, кој како што вели не може да се ,,спаси” од секојдневните телефонски повици за враќање на кредитот.

-Последен пат телефонот ми звонеше пред околу 10 минути пред изјавата. Штом ми го слушнат гласот веднаш ја затвораат линијата. Долгот е околу 180.000 денари, го носеле син ми Денис таму кај што се подигаат кеш пари, брзи кредити во Штип. Пред полицијата тие лица признале, имињата не ни ги кажаа, знам дека само му ветиле дека ќе му најдат невеста…и му најдоа, измамен е за 3000 евра. И затоа не се чувствувам безбедно, имам семејство, снаи, други внуци, ми се малтретира семејството, вели Фејзулов.

Додава дека парите нема како да се вратат бидејки тој зема 10 илјади денари пензија, а неговиот син 4500 денари. 

-Согласно последниот документ за два дена треба да внесе 9000 денари за кредитот. Од каде да ги внесеме. Се што можат да ми земат е да ми земат ,,душа”, додава таткото на оштетениот.

Одговорот за тоа како да се заштитат лицата со попреченост кои се злоупотребени во вакви ситуации го побаравме од невладините организации кои се борат за заштита на правата на овие лица. Како што вели Зоран Биковски од невладината организација ,,КХАМ” од Делчево се работи за класична измама за лице со умерена попреченост.

-Постои празнина всушност во самата заштита на овие лица со длабока, тешка и умерена писихичка попреченост, затоа што тие не можат да донесат рационални решенија, посебно кога се работи за работење со пари. Во овој случај семејството се чувствува небезбедно, чувствува пристисок од фирмите од каде е подигнат кредитот. Знаеме дека се води истражна постапка во која не сакаме да се мешаме, но она што бараме од институциите е максимално да им ја гарантира безбедноста на луѓето, затоа што овој родител се грижи не само за лицето со умерена попреченост, туку и за целото семејство, вели Биковски.

Според него потребно е институциите навремено да реагираат, меѓутоа потребни се и системски промени во делот на грижата за самите тие лица.

-Ние веќе долго време ја следиме постапката на правото на туѓа нега, посебно на лицата кои се категоризирани и кои што земаат посебен детски додаток. Кога лицето е одбиено за земање на туѓа нега, кој понатаму ќе се грижи за тоа лице со лесна или умерена попреченост, или пак доколку лицето е ангажирано или вработено и проценето како работоспособно, како може во тој случај да раководи со приходот кој ќе го оствари тоа лице ако му се гарантира дека нема да има злоупотреби, нема да има подигање на кредит, итн, итн…., додаде Биковски.

Претходно во врска со овој случај од полицијата информираа дека во месец јануари 2022 година две лица од Делчево и Штип, доведувајки го во заблуда, го убедиле Денис Фејзулов да земе кредит од неколку финансиски друштва, за што е покрената предистражна постапка. 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*