Во Делчево одбележан празникот Источен петок Балаклија

Верниците од Делчевско денес на повеќе локации го одбележаа праникот Источен Петок – Балаклија. Најпосетен на денешниот ден  верниците го нарекуваат и Светол Петок, беше манастирскиот комплекс ,,Св.Богородица Балаклија” каде според  традицијата тие запалија свеќи и се помолија за благослов на своите семејства. 

Поради пандемијата во изминатите две години како и на самиот денешен празник како што кажа Ранка Трајановска, познавач на народните обичаи од делчевско, граѓаните беа во помал број, но според неа доволно, за да му се даде белег на празникот.

-Денеска денот се вика и мрсен петок, зошто денес се јаде мрсна храна. Тука на манастирот доаѓаат луѓе од целата околија. Порано пред пандемијата се служеше ручек, а сега да се одбегнат гужви последните 2 години тоа не се прави. За таа цел секој си носи подготвен ручек од дома кој се дели меѓусебно, вели Трајановска.

Во подножјето на манстирскиот комплекс се наоѓа извор со вода, за кој посетителите велат дека е лековита.

-Според стари преданија останало дека ако се наполни вода од изворот луѓето ќе бидат здрави, затоа луѓето полнат вода не само денес, туку доаѓаат и во други денови, додава посетителка на манастирот.

Во рамки на одбележувањето на празникот се делеа домашно замесени погачи, а на повеќе места група познаници имаа сопствено приготвени трпези на кои најзастапени беа Велигденските јајца. 

Од црковното свештенство на верниците уште еднаш им го честитаа Христовото воскресение Велигден напоменувајки дека поздравот Христос Воскресе се користи се до празникот Спасовден кој е период на Христовото вознесение.

Освен кај манастирскиот комплекс Св.Богородица Балаклија, денес празникот Источен петок Балаклија се одбележа и кај месноста Св.Води во село Тработивиште.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*