Заедничките проблеми и овој Велигден и Рамазан Бајрам дел од соживотот помеѓу Македонците, Турците и Ромите во село Црник

Соживотот и проблемите на жителите на село Црник и годинава остануваат заеднички за Велигден и Рамазан, празници кои најчесто во слога и разбирање ги прославуваат Македонците, Турците и Ромите од ова село. Поделби немале никогаш, а поддршката еден за друг и во добро и лошо отсекогаш им била препознатлив знак, за што надалеку се познати меѓу пријателите од други градови и села во Македонија.

-И Велигден и Рамазан и Бајрам си го славиме братски, немаме поделба и Македонци и Турци и Роми, сите сме заедно. Во братство и единство се живее овде, за свадби, за крштевки, за погреби за сè сме тука едни за други, вели Енвер Патров, жител на Црник. 

Во селото има околу 150 куќи, а во секоја куќа како што додава Неделков Ѓорѓи има во просек тројца по семејство.

-Во однос на жители има околу 500, а можеби и 600 луѓе, бидејки во ромската населба се големи семејствата. Има нешто млади кои почнаа со работа во фирми во Пехчево, но и во странство ги има многу, додава Неделков.

Повеќето како што се надоврза Патров се задоволни од тоа што имаат од каде да заработат парче леб, иако како што додаде има и луѓе во потешка материјална состојба.

-За тие луѓе функционира народната кујна која им нуди оброк на семејствата од социјален ризик уште од времето на градоначалникот Јован Станоевски. Кујната опслужува околу 80 семејства, но моментално сега се намалени, околу 50, 60 оброка се делат моментално, додава Патров.

И тој потврди дека голем дел од младите кои биле невработени, во последниот период се ,,снашле” со работа во поголемите индустриски капацитети во Пехчево и Делчево.

-Пред 5 години село Црник беше најзапустено село во Македонија, немаше егзистенција, а сега благодарение на Господ е подобрена состојбата со младите и тие да ,,живнат” малку. Повеќето најдоа вработување во дрвната индустрија, во Фагус Пехчево и во Алпин Ком во Делчево, додава Патров.

Како и во останатите селски средини низ државата и во село Црник постојат повеќе проблеми за решавање, а меѓу најголемиот им е проблемот со изградбата на нов водовод, кој по промената на градоначалничката позиција во Пехчево очекуваат конечно да биде реализиран.

-Водата ни е најголем проблем, бидејки моментално пиеме кал. Досега кој и да беше на градоначалничката функција без разлика од која партија да доаѓал, никој не се зафатил со решавање на овој проблем. Ако не се зафатат со работа за следните избори глас нема да добие ниту еден политичар, додава Патров.

Актуелниот градоначалник на Пехчево, Александар Китански кој и самиот потекнува од село Црник, очекува наскоро на заедничка средба да ги слушне и останатите проблеми со кои се соочуваат жителите.

-Наидуваме на луѓе кои имаат различни барања, луѓе кои ни ги кажуваат проблемите. Ние како локална самоуправа колку сме во можност ќе гледаме да им помогнеме да им  излеземе во пресрет. Планираме заеднички средби ќе се организираат и во останатите средини, како би се поставиле некои темели на релација како локална самоуправа со луѓето да искомуницираме како понавремено да ги осознаеме проблемите со цел навремено да се реагира за доброто на нашите граѓани, истакна Китански, напоменувајки дека меѓу првите активности со кои деновиве се зафатија општинските власти, а со кои најавија дека ќе биде биде опфатено и село Црник е расчистувањето на локалните патишта за подобрување на пристапноста до земјоделските површини.

Иако засега не добија ветување, приоритет на жителите на Црник на првата таква средба која би ја организирала општината, останува прашањето за изградба на нов водовод, проблем кој се надеваат дека ќе наиде на одобрување од новата локална самоуправа во Пехчево. 

Видео прилогот ТУКА

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*