Стојковски: Поради дефект на две возила со потешкотии се одвива собирањето на отпад во Делчевско

Поради дефект на две комунални возила, со потешкотии се одвива собирањето на отпад во селските средини и градот Делчево. Со цел нормализирање на ваквата состојба како што информираше директорот на Јавното комунално претпријатие ,,Брегалница”, Стојче Стојковски помош е побарано од екипи на беровското комунално претпријатие кои се вклучија во подигањето на отпадот. 

-Во текот на минатата недела имавме дефект на две комунални возила заради што влошена е состојбата во селските средини и градот каде отпадот се собира во контејнери. На располагање ни беа три камиони од кои два ни беа во дефект, а тракторите иако се во функција, не можат во целост да ја вршат оваа функција. Поради тоа денеска и во петокот ни доаѓаа напомош екипи од јавното комунално претпријатие од Берово, со што се надеваме дека до крајот на оваа недела ќе се нормализира состојбата, рече Стојковски.

Директорот на делчевското комунално претпријатие очекува деновиве да бидат сервисирани дефектните возила, со што дополнително ќе биде олеснето извршувањето на услугата за собирање на комуналниот отпад.

-Од возилата во дефект, дел се во гарантен рок, на едното возило минатата среда доаѓаа сервисерите и беше извадена хидрауличната пумпа, а очекуваме најдоцна до утре истата да биде монтирана. Исто така очекуваме во најскоро време да биде оспособено и другото возило, рече Стојковски.

Со цел подобрување на состојбата со собирањето отпад во Делчевско, а согласно годишната програма за работа на претпријатието најави дека ќе биде поднесено барање и одлука од Советот на Општина Делчево да се постават повеќе контејнери во населените места каде досега истите не беа поставени.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*