ЈЛБ ,,Илинден” го промовираше делото ,,Номадски бакнежи” од роднокрајниот автор Николинка Митрева

Роднокрајното одделение во делчевската библиотека ,,Илинден” збогатено со делото ,,Номадски бакнежи” од авторката Николинка Митрева. За директорката Биљана Петровска секогаш кога роднокрајното одделение на библиотеката ќе се закити со ново дело , задоволството е огромно.

-Од денес роднокрајото одделение е побогато за уште едно дело „Номатски бакнежи“ на нашата млада и талентирана поетеса Николинка Митрева.
„Поетесата Николинка Митрева е една помеѓу најнадежните и ретките која во последно време,веднаш по самото навлегување на почетокот од најраната младост, поточно од почетокот на полнолетството, навлегува смело и енергично,како сосема зрела личност во љубовните петеки, наречени “Номатски бакнежи“составени од 7 поглавја.
Живо, сентиментално,емоционално, интелектуално, опишано со огромна љубов и занес…Тоа ќе го почувствувате во секој нејзин напишан стих, рече Петровска

Како библиотека како што додаде Петровска радува фактот што имаме наши деца, наши млади кои се премногу и талентирани и амбициозни, кои сакаат да творат и оставаат дела зад себе.

-Николинка е една од нив. Нејзината книга веќе е на полиците на нашата библиотека и достапна до сите наши читатели, додаде Петровска.

Николинка е родена 1995 г. Студира на ПМФ-медицинска физика. Живее во Дечево.
Од име на ЈЛБ„Илинден“ на Николинка и посакаа многу успеси и уште многу нови дела и нови промоции. Еве што таа кажа на денешната промоција:

Добар ден почитувани,

пред се и благодарам на библиотеката Илинден и на директорката Биљана Петровска за изразениот интерес за стихозбирката “ Номадски бакнежи”. Чест и задоволство ми е што ми ја пруживте приликата да говорам за своето творештво.

Поезијата како литературна гранка многу ненадејно стана дел од моето секојдневие. Иако отсекогаш сум била наклонета кон читање и пишување на кратка проза, по посетувањето на работилница за креативно пишување во 2015 година, мојот глас си најде прибрежиште во поезијата. Во временската рамка од 2015 година па се до објавувањето на збирката во 2019 година, ги објавував своите песни на ФБ фан страната под псевдонимот Авертим. Мојот стил на изразување беше подлежен на промени, па песните започнав да ги комбинирам со дигитални колажи, за кои креирав и сопствена веб страна. Идејата беше, зборот да се заљуби во својата визуелна репрезентација или дигитален колаж. Целта на изразувањето преку два типа на уметност, беше да ги пополни празнините помеѓу зборовите и воедно да се визуелизира емоцијата што сакав да биде доловена.

Стихозбирката “Номадски бакнежи” за мене претставува портал кон љубовната димензија што сите ја носиме во себеси. Секој индивидуално може да ја спознае, па така и моето се уште младо и недовајано поетско око се обиде да ја преведе и преточи во поезија.
Што се должи на инспирацијата позади пишаните стихови, таа е доста комплексна и би било себично да ја ограничам и именувам со концизни причини. Емоционалните загатки со кои се соочуваме во животот ни претставуваат голем предизвик во кој се трудиме да најдеме баланс и да коегзистираме со нив, па затоа се надевам дека моите читатели ќе пронајдат дел од своите гласови во пишаните зборови.

Пред книгата да излезе во печат, во содржината на нејзиното креирање се должат сите мои блиски луѓе кои неуморно го подржжуваа нејзиното градење. Процесот е долг, полн со прашалници и незаргазени предизвици, но конечниот плод на целиот труд ме ракуваше со ново искуство.

Моето омилено појаснување, кое обожувам да го повторувам за тоа како е поделена содржината на стихозбирката е следно:

Номадски бакнежи е поделена на седум планети(поглавја) кои покрај сопствената оска на ротација, заедно ротираат околу зборот Љубов. Пред секоја планета е поставена една шарена мапа (дигитален колаж) во која е сошиен светот кој живее во нејзините граници.

Првата планета Букет Нарциси, е машко грло кое ја опева силината на жената .Овој букет стихови е подарок за жените, букет, чиј лиричен мирис се прилепува на срце и ги бодри во улогите со кои се соочуваат во секојдневието.

Втората планета Двосмислени, во себе содржи една неодлучност. Останува на читателот да одлучи за судбината на песната.

Третата планета Коридори во космосот, со себе влечка куфери полни ѕвездена прашина. Песни во кои љубовта која нема граници се шири заедно со универзумот. Љубов која е бунтовник и истажува она кое е непознато, невидено.

Четвртата планета Речиси среќни, ги има вдомено сите оние песни кои рецитираат една љубовна фантазија вежбана милион години. Оваа планета на себе има закрпена насмевка и узреана тага.

Петата планета, По полноќ, е интернационален аеродром на чии писти слетуваат наизменични мотиви, кои најчесто се нашле пред моето поетско перо ко ненајавени гости во доцните часови.                                                                                                    

Шестата планета Љубовни рецепти, ги полни носниците со вознес и ја буди гладта во срцето. Во себе содржи музика, која се чита.

Седмата планета, Џуџести стихови, има население кое има ограничен број на зборови кои може да ги искористи. Затоа, тие стихови, долги ко воздишка, лесно ќе може да ви се населат во мисловните џебови.

Овие таканаречени планети, кои како дете ги одгледав и пораснав во свои раце, ви ги подарувам вам. Се надевам дека тие ќе бидат јануарската супа за вашата љубовна треска или ладнината под гранките во љубовните лета.

На сите читатели, кои ќе ги отворат вратите на Номадски бакнежи им посакувам пријатно читање и се надевам дека ќе излезат налепени со хиперболирана храброст, за тоа дека не треба да се плашиме да сакаме и да бидеме сакани. Песната никогаш не е своја, таа секогаш ќе припаѓа на оној кој успеал да ја облече нејзината емоција ко сопствена. Затоа сметам дека поезијата се доживува многу интимно, и не треба да ја анализирaме, туку да ја искусиме.

Книгата може да ја купите онлајн на страната на купикнига.мк или пак да изнајмите од библиотеката Илинден во Делчево.

Видео од промоцијата ТУКА

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*