,,Три води” непрекинато течат и лете и зиме кај месноста ,,Скокото” во делчевското село Габрово

Во близина на делчевското село Габрово веднаш над самото село од десната страна спроти блиската река се наоѓа локалитет кој мештаните го нарекуваат ,,Скокото”. Карактеристично за местото е што во неговото подножје се наоѓаат високи карпи, кои од блиските дрвја не се забележуваат, но она што се забележува се капките вода под карпите, кои како што велат жителите непрекинато течат и во лето и зиме.

Старите одамна знаеле за оваа вода и според нивните предавања таа била лековита и често се користела за замивање од ,,очобол”, но и се пиела за здравје. 

-Водата извира од две места, една од под големата карпа во близина, другата од под местото каде што е иконата што ја гледате и десно од уште едно место. Овде и лето и зиме водата капе, капка по капка, но не престанува. Местото како што може да видите наликува на пештера, од легендите сите имаме слушнато дека поради тоа што Исус Христос е роден во пештера најчистите води ги има токму на такви места, вели габровецот Горан Анакиевски.

Од пред три години тој заедно со група граѓани започнале активности за градење на водата , а бидејки водата се спуштала од 3 места, неговата цел била да се насочи кон еден извор од каде ќе можат да си наполнат гостите намерници.

-Размислувавме што да правиме и затоа почнавме да ја градиме водата. Претходно се има сонувано на луѓе од Германија кои потекнуваат од тука да учествуваат да се направи и така започнавме да градиме. Со доста донации од странство и фирми од Делчево во близина успеавме да направиме една настрешница за луѓето да се заштитат, додаде Анакиевски.

За Габровецот ова место крие голема историја. Над самиот локалитет се наоѓа месноста Панови Трли, кое изобилува со долови и ливади, а одозгора се наоѓа таканареченото ,,Градиште” кое датира од Римско време. 

-На прв поглед местото изгледа празно, но вршени се ископувања од диви копачи и најдени се голем број на предмети кои ние овде ги викаме врчви, во кои луѓето во тоа време криеле храна да се прехранат. На врвот на градиштето има гробница која датира од римско време, а местото било идеално луѓето да се бранат од напади. Такво е местото скаловито и затоа од тсму се бранеле. Местото треба да се истражи подетално од археолози. Инаку како што ни кажувале нашите постари оттука поминувал Евлија Челебија, турскиот патеписец, во времето кога Габрово се вијало Бурово со тогашни 40 жители претежно Турци и Македонци, раскажува Анакиевски.

Од пред три години на Ѓурѓовден на ова место на иницијатива на нашиот соговорник се служи ручек, додека секоја година се пријавуваат кумови кои учествуваат во неговата подготовка. За годинешниот празник еден од готвачите ни откри дека се служела посна трпеза.

-Ова полека прераснува полека во традиција кај нас. има голема историја за самото место. Водата е ,,за очи” доаѓаат луѓе. Јас годинава сум задолжен за храната која е донација од вкупно 5 кумови. Добро е што годинава има повеќе луѓе, а другата година очекуваме повеќе, вели габровскиот готвач.

На самата прослава беше присутна и иселеничката Зора Димитровска која претходно во неколку наврати со црковниот одбор организираше хуманитарни акции за доизградба на хрсмот Св.Димитрија во селото Габрово. Очекува и ова место да прерасне во катче каде мештаните ќе се дружат за Ѓурѓовден и во наредните години.

-Еве како што претходно најавија организаторите, на 6 мај се слави овде, се собравме заеднички има доста луѓе со кои по трет пат се собираме за Ѓурѓовден. Поздрав до сите иселеници од странство големо фала на поканата за организаторот Горан е главниот кој го средува местото, плановите понатаму се патот да се направи, да се направи објект, но полека полека мислам ќе се успее, кажа Димитровска.

Иницијаторот на крај апелираше младите да земат поактивно учество во доизградбата и секаде онаму каде ќе се наиде на ваква вода да се чува, бидејкожи некогаш е доволно човек само вода да се напие, но она што е уште поважно е што водата е вистински благодет од Бог.

Видео прилог на линкот во продолжение: https://fb.watch/c-zqFOeyuK/

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*