Пожарникари од Чрномељ, Р.Словенија во посета на Делчево

Во возвратна посета на Делчево и Територијалната противпожарна единица деновиве престојуваат градоначалникот на Општина Чрномељ, Словенија, Андреј Кавшек и претставници од Противпожарната заедница на Општина Чрномељ, кои изминатиот период за потребите на делчевските пожарникари донираа противпожарно возило и опрема. 

Во знак на благодарност за поддршката и со цел за идна плодна соработка меѓу двете општини и противпожарните друштва, градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, додели плакети на градоначалникот на Чрномељ и на Доброволната противпожарна бригада „Стари трг об Колпи“.

-Пријателството и хуманоста не познаваат граници, туку добрата намера, доброто дело и подадената рака отвораат можности и градат иднина. Затоа, ми претставува посебна чест што овие денови сме домаќини на градоначалникот на Чрномељ Доброволната противпожарна бригада „Стари трг об Колпи“ кои ги препознаа потребите на Територијалната противпожарна единица од Делчево и донираа возило и опрема, со што покажаа дека се големи луѓе и дека добро ги знаат приоритетите на граѓаните и на противпожарната дејност. Очекувам оваа соработка да продолжи и понатаму и меѓу двете противпожарни друштва и меѓу двете општини, истакна Трајковски.  

Градоначалникот на Чрномељ, Андреј Кавшек, потенцираше дека интернетот одиграл голема улога за оваа соработката, чија цел била единствена, да се помогне на колегите и пријателите од Делчево. Тој најави дека соработката ќе продолжи  и во иднина и меѓу пожарникарите и меѓу двете општини, за што се размислува и да се искористат одредени европски проекти кои партнерски ќе се работат во двете општини. 

-Јас сум бил во Делчево пред 44 години и ме радува фактот што сум повторно овде. Градот сега е поубав и поголем. Оваа соработка отвора можности и за партнерство во иднина, рече Кавшек.

Во рамки на посетата на Делчево словенечките пожарникари имаа прилика да го видат опожарениот терен во Делчевско од минатогодишните пожари, а се запознаа и со условите и со опремата за работа на делчевските пожарникари, напоменувајки дека во Општина Чрномељ функционираат 27 доброволни бригади и 400 оперативни пожарникари.

Видео од денешниот настан во продолжение:

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*