
Во организација на Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ во Делчево се одржа предавање на тема „Македонската филмска музика од осамостојувањето до денес“. Настанот го водеше професор д-р Александар Трајковски, чија тесна специјалност македонската филмска музика.

-Овој настан го организираме за запознавање на младата популација со македонската филмска музика, со сето она што е најзначајно во оваа област. Акцентот на денешното предавање е ставен на македонската филмска музика од осамостојувањето до денес, а целта е да се прикаже развојниот пат на македонската филмска музика од 1991 година до денес и да се види низ кои правци, низ кои аспекти филмската музика делува и го освојува културното поле во нашата земја, рече Трајковски.
Нашата кинематографија како што посочи пред присутните датира од 1952 година, а годинава се одбележуваат 70 години од првиот филм.

-На почетокот станува збор за црно-бели филмови со тематика од Втората светска војна и Турското ропство и се филмови кои се засноваат на историски приказни и согласно тоа музиката ги следи тие дејствија.Во поново време се употребуваат музички жанрови кои се поблиски до младата популација. Тука свое место наоѓа техно музиката, електронската музика и сето тоа прави еден производ спакуван на еден модерен начин, додаде Трајковски.
Воспитно-образовните работници, кои заедно со младите присуствуваа на денешниот настан ја поздравија идејата, со која учениците сликовито имаа прилика да се запознаат со историјатот на македонската филмска музика.

-Нашите ученици со голем восхит и внимание и по предметот Музичко образование и по предметот Мајчин јазик имаат потреба од вакви часови во кои самите ги доживуваат начинот на презентација на филмската уметност, како дел од наставниот предмет Медиумска култура. Толку овие воннаставни активности ни се потребни во наставата што оваа идеја ќе ја поддржуваме секогаш, рече наставникот Маријана Стоименовска.

Во последните 30 години во Македонија работат истакнати композитори, а меѓу позначајните на денешната работилница беа напоменати познатиот гитарист Влатко Стефановски за неговата ,,Џипси сонг” и групата Анстасија за филмската музика во ,,Пред дождот” кој ја претстави Македонија на светската филмска карта.
Leave a Reply