
Со освоени 17 пехари, 40 медали и медал за влез во Супер лига, Пингпонгарскиот клуб ,,Зегин” е најуспешната спортска екипа за изминатиот период, а воедно и најбрзо растечки клуб во Општина Берово. Ова е констатацијата по денешниот прием кој Општината го приреди за најдобрите пинг-понгари, кои на средбата со градоначалникот Звонко Пекевски, ги презентираа огромните успеси кои клубот ги постигна во изминатите години.
Тренерите на ППК ,,Зегин”, Јован Ковачовски и Горан Каракутовски, истакнаа благодарност до сите кои ја дадоа својата поддршка во реализација на активностите на клубот, на кој како што најавија во иднина му престојат уште многу натпреварувања.

-Mожеме да се пофалиме дека имаме доста признанија како клуб и како тренери на клубот, веќе сме препознаени како сериозен клуб. Нашата активност беше забележана и од Здружението на новинари, кои не избраа за најбрзорастечки клуб, а нашиот член Изабела Ковачовска е изберена за спортист на годината, рече Ковачовски.
Под покровителство на Христијан Аждерски и Благој Механџиски – Зегин, како што дополни тренерот Ковачовски, во наредниот период 12 деца од клубот од 27 јуни до 5 јули 2022 ќе посетат летен камп во Грција.
-Многу е важно да се напомене и дека 3 деца од ППК ,,Зегин” од Берово, се стипендисти на Агенција за млади и спорт и земаат 5.500 денари месечна стипендија како успешни спортисти, додаде Ковачовски.

Во името на пингпонгарите се обрати, најстариот член на клубот, Сара Чипевска, која под раководство на сегашните тренери очекува уште поголеми успеси.
-Јас како најстар член на клубот, сум среќна и горда на она што досега го имаме освоено. Изминатата сезона успеавме да освоиме голем број на пехари и медали заради што сум сигурна и цврсто верувам дека со помош на нашите тренери во иднина ќе постигнеме уште поголеми успеси, рече Чипевска.

Во името на Општина Берово и свое лично име, градоначалникот Пекевски им се заблагодари за успесите, кои според него ќе бидат поттик и понатаму да работат и да постигнуваат уште поголеми успеси.
-На приемот истакнав дека општината ќе биде сериозен поддржувач на клубот и во иднина, затоа што тоа е заслужено и затоа што тренерите навистина покажаа дека напорната работа, носи големи резултати, рече Пекевски.
Пингпонгарскиот клуб ,,Зегин”, на спортската сцена во Берово, се појави пред 4 години и за краток период, успеа да постигне врвни спортски достигнувања. Четири пингпонгари од овој клуб во следната сезона ќе играат во 1 лига, а останатите ќе се натпреваруваат во посеби категории. Од клубот најавија понатамошно развивање со упис на нови членови.
Leave a Reply