Во Делчево заврши дводневната работилница со завршна презентација во рамки на проектот „Инклузивен мост 18“

Во Делчево заврши дводневната работилница со завршна презентација во рамки на проектот „Инклузивен мост 18“ во чија реализација во изминатите 24 месеци, беа вклучени Центрите за социјални работи, Малите групни домови, старатели на корисниците вклучени во пилот програмата, АВРСМ и претставници на фондацијата Цивика Мобилитас. 

Проектот како што истакна Александар Николов од „Бравура Кооператива“ која е главен имплементатор, рефлектира многу нови можности и програми за интервенција за лица на помлада возраст, кои се дел од малите групни домови за деца без родители.  

-На денешниот настан ги презентираме сите можни активности кои што беа спроведени и сите резултати кои се дел од тој проект кој завршува со еден материјал кој го насловивме ,,Водич за социо-економска интеграција”. Книгата ќе биде бенефит на крајните корисници и на персоналот кој работи со нив, да ги внесат во светот на економијата, на менаџирањето на сопствените средства, во бизнисот инвестициите или бизнис планирањето, како идни прептриемачи во делот на некој систем, рече Николов.  

Катерина Трајановска од Мал групен дом – Берово истакна дека во самиот Водич е лоциран проблемот и неговата содржина е споделена со надлежните.    

-За крај на проектот искрено се надевам дека ги придвижуваме работите. Најверојатно не е решение постигнато, меѓутоа, имаме брошура или водич, кренат е гласот на вработените, кажано е до надлежните, во што лежи проблемот и каде треба да се реагира и се надеваме дека во иднина ќе се отклонат недостатоците кои допринесуваат до ниска емоционална и економска свест кај корисниците кои излегуваат од групните домови, рече Трајановска.  

Според проф. д-р Елена Веселинова која на присутните им се обрати онлајн, додаде дека  Водичот има и друга поуниверзална димензија на применливост, која е наменета за секој човек кој преку нови знаења би ја унапредил својата финансиска слобода во однос на својата област. 

-Во директна комуникација со учесниците во проектот и други млади луѓе добивме впечаток дека децата без родители не се единствените на кои што им се потребни дополнителни информации со пари, економија и инвестициски планови туку тоа може да биде дополнително знаење и за други чинители меѓу кои и за луѓето кои секојдневно минуваат време со нив, рече Веселинова.

Проектот „Инклузивен мост 18“ е имплементиран од хуманитарното здружение „Бравура Кооператива“ од Делчево како финансиски корисник на Цивика Мобилитас, во партнерство со Здружението на граѓани „Имаго плус“ – Скопје и соработници на проектот Јавна установа „Завод за социјални дејности“ Скопје и Економски факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*