Зголемен број на пријавени штети од невремето во Делчево

Во Општина Делчево во тек е пријавување штети од невремето проследено со силен ветар, дожд и град. Заклучно со вчерашниот ден до Општинската комисија за проценка на штети од елементарни непогоди граѓаните доставиле 220 пријави за штети. Пријавувањето на штетите предизвикани од невремето ќе трае до 10 јули, а претставници од Комисијата веќе оди на терен за проценка на досега пријавените штети.

Согласно со првично пријавените штети и информацијата од ЦУК-Делчево, евидентирани се штети на кровот на ООУ „Ванчо Прке“, дел од кровот на детската градинка ЈУДГ „Весели Цветови“, дел од кровот на Домот на културата, каде е сместена Општина Делчево и други институции и приватни субјекти. Најголемо оштетување има на трите згради на  улица „Н.Ј.Вапцаров“, каде на две згради крововите се целосно оштетени, а од паѓање на кровната конструкција голема штета е нанесена на околни четири семејни куќи и возила кои биле паркирани во околината. Поради рушење на кровна конструкција на  објекти, како и бандера за улично осветлување во прекин беше и сообраќајот на ул.„М.М Брицо“. Оштетени се кровови на голем број на семејни куќи и објекти во целото подрачје на градот Делчево. Оштетени се и возила од паднати делови од покриви и дрвја.

Поради паднати дрвја на улиците: „Булевар Македонија“, „Маршал Тито“, „М.М Брицо“, „Кеј на Брегалница“, „Браќа Миладинови“, „Трст“, „Острец“ и др. сообраќајот беше во прекин или се одвиваше отежнато. Поради поплавување и поголеми наноси на земја од обилниот дожд сообраќајот на улиците во понискиот дел од градот се одвиваше отежнато.

Паднати се 9 дрвени и 1 бетонски  столб за снабдување со електрична енергија при што поголем дел од градот беше без снабдување со ел. енергија. Исто така поради паднати дрвја оштетени беа и кабли за снабдување со електрична енергија.

Екипи од ТППЕ Делчево и ЈКП „Брегалница“ со возила и механизација на терен работеа на расчистување на паднати дрвја и на наноси од земја на улиците. Исто така, поради поплавување на голем број подрумски простории се работеше и на исцрпување на водата со пумпи.

Поради одрони на патните правци Делчево – М.Каменица и Делчево – Пехчево сообраќајот се одвиваше отежнато но, не беше во прекин. Екипи на Македонија пат работеа на нивно отстранување.

Од удар на гром во село Бигла се усмртени 15 грла овци, 8 јагниња и 4 грла кози.

Во отстранувањето на штетите направени од невремето учествуваваа припадници на ТППЕ – Делчево, вработени од со механизација од ЈКП – Брегалница, екипи на ЕВН – Подружница Делчево и месното население од градот Делчево.

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*