Владиката Иларион одржа црковна литургија по повод празникот,,Раѓање на Св.Јован Крстител”

Во Делчево се одржа црковна богослужба по повод христијанскиот празник ,,Раѓање на Св.Јован Крстител”. Со богослужбата чиноначалствуваше Митрополитот Брегалнички г-н Иларион, кој посочи дека денес се слави човекот кој е од големо значење за човечкиот и целиот христијански род.

-Денес е ден посветен на светителот кој има преголема слобода пред Бога  да се моли за сите нас. Нека им донесе на сите луѓе  здравје и благослов. Посакувам сите луѓе да живеат во радост, мир, во љубов и  покајание, рече Владиката Иларион.

Приликата ја искористи да ја поздрави иницијативата за доградба на дел од соборниот храм ,,Св.Кирил и Методиј” која се реализира со поддршка на хумани граѓани, а во чии рамки се гради административна зграда за свештениците и ново крстилно.

-Ова што се гради е продолжување на она што е започнато и покажува дека овој народ не само кога имал страдание и маки и кога бил во ропство, туку секој пат си ја сака својата црква која како што е сега случај ја гради и доградува. Оваа административна зграда е многу потребна бидејки тука треба да бидат свештениците да дежураат, воедно треба да се направи и крстилната и на тој начин верниците ќе имаат простор каде ќе ги договараат своите обреди, додаде г-н Иларион.

Во изминатите две години соборниот храм ,,Св.Кирил и Методиј” доби нова фасада, а со помош на донации од хумани граѓани нејзината изградба продолжува и во наредниот период. 

Be the first to comment

Leave a Reply

Your email address will not be published.


*